Миланска Скала вечерва ја отвора својата нова сезона со премиерата на „Леди Магбет од Мценскиот округ“ од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, опера која ги промовира правата на жените и која некогаш била забранета во Русија. Миланската оперска куќа го поставува делото како почит кон Шостакович, одбележувајќи 50 години од неговата смрт.
Операта, заснована на драма од Николај Лесков, дебитираше во Санкт Петербург во 1934 и првично била замислена да биде прва од трилогијата посветена на руските жени. И покрај почетниот успех, операта се соочила со критики од советското раководство, како и од Јосиф Сталин, поради прикажувањето на сексот, насилството и женскиот бунт и беше забранета речиси 30 години во земјата.
„Отворањето на сезоната со оваа опера е почит кон еден гигант од 20. век и кон операта која страдаше премногу години“, рече Рикардо Шаји, главен диригент во Скала.
Зборувајќи за повиците за исклучување на руските пејачи од европските сцени, рускиот режисер Василиј Бархатов рече дека личните политички ставови и културниот идентитет треба да се чуваат одвоено.
„Ако отворено ја поддржувате руската влада, мора да бидете свесни за можните последици од вашиот избор“, изјави Бархатов за Ројтерс.
Операта ја раскажува приказната за Катерина, која, заробена во несреќен брак, ги убива својот сопруг и свекор со помош на својот љубовник, но на крајот е откриена и испратена во Сибир каде што се самоубива.
„Тоа е приказна за женската слобода и човечката среќа“, рече Бархатов.
Американската сопранистка Сара Јакубијак, која ја игра Катерина, рече дека нејзиниот лик „е како тркачки автомобил што поминува од нула до 100 км за неколку секунди“.
Оваа сезона ќе биде прва за новиот уметнички директор на Скала, Фортунато Ортомбина. Скала, отворена во 1778 година, стана еден од најпрестижните оперски и балетски театарски куќи во светот.
Вечерта на отворањето на сезоната на Скала е врв на општествениот календар за политичката и деловната елита на Италија, што се совпаѓа со празникот Свети Амвросиј во Милано, кој го слави светецот-заштитник на градот.
Вечерашната претстава, која е распродадена, ќе има публика од 2.000 луѓе. Билетите, кои чинат по 3.200 евра, ќе остварат рекордни 2,8 милиони евра приход. Операта ќе се изведува во Скала до 30 декември.



