Гала отворањето на сезоната на миланска Скала, со премиерата на „Тоска“ од Пучини со руската оперска ѕвезда Ана Нетребко и диригентот Рикардо Чаили, помина со 15-минутен аплауз од миланската елита, во вечер која ја славеше културата како бедем од политичкиот екстремизам. Втора година по ред, претставата се отвора со аплауз наменет за поздрав на италијанскиот претседател Серџо Матарела, кој седеше во кралската ложа со уште четворица министри.
Како и минатата година, италијанската Влада сѐ уште се соочува со проблеми, па долгиот аплауз се смета за знак на поддршка за италијанските институции. По петминутниот аплауз, Матарела ѝ даде знак на публиката да се сврти кон сцената за да ја слушне италијанската химна и почетокот на „Тоска“.
„Со оглед на тоа дека имаше толку голем аплауз за Матарела како и лани, можеме да кажеме дека веруваме во нашата држава, веруваме во единствена, неподелена Италија и дека сме заедница која мора да расте и да биде отворена. Има премногу чудни нешта. Има премалку политичари кои имат храброст да кажат дека фашизмот е незаконски“, рече режисерот Давиде Ливерморе, кој и лани ја постави „Атила“.
Во публика беше кремот на италијанскит бизнис сектор, мода, култура и политика, како и американската поетеса и музичарки Пати Смит.
Сценариото на „Тоска“, половина трилер – половина драма, потсетува и на #MeToo движењето во денешнината, бидејќи Тоска за да го спаси нејзиниот сакан Каварадоси, е принудена да му се предаде на Скарпија. Таа се бунтува, го убива Скарпија, но на крајот и таа е измамена, нејзниот сакан е убиен, а и таа се убива.
„Напишана е во 1900 година, има и призвук на иднина. Актуелната тема и величествената музика на Пучини ја прават ‘Тоска’ да звучи доста современо, издржано и многу слично на реалноста која е сурова“, рече Чаили, кој е и музички директор на Скала.