„Мими“, вториот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, ќе го отвори 21. издание на фестивалот на европски филм Синедејс. Филмот кој летово ќе игра и на Пулскиот фестивал ќе се прикаже на 7 јули на кровот на ГТЦ.
Годинашниот фестивал ќе се одржува до 14 јули под слоганот „Од високо подобро се гледа“ и ќе содржи повеќе од 50 филмови. „Мими“ е селектиран во SEE програмата и ќе се натпреварува за една од наградите на Синедејс.
„Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули. Филмот е селектиран во Меѓународната програма на фестивалот, покрај десет други наслови.
Главните улоги во „Мими“ ги толкуваат Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, покрај Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески е кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, а костимите на Емилија И. Атанасовска. Александар Пејовски ја напиша музиката. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Црна Гора.
„Мими“ следува седум години по дебитантски филм на Пејовски „Три дена во септември“.