МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕМА ПЛАН ЗА ДОВРШУВАЊЕ НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР, КАРАБИНАТА СТОИ ШЕСТ ГОДИНИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НЕМА ПЛАН ЗА ДОВРШУВАЊЕ НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР, КАРАБИНАТА СТОИ ШЕСТ ГОДИНИТеатарот во близина на Железничката станица во Скопје, почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада со премиерот Никола Груевски. Ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. (Фото: СДК.МК)

    Новиот објект на Турски театар шест години е карабина, а ако наскоро не се преземе нешто, ќе почне да пропаѓа, вели в. д. директорката Несрин Таир.

    Театарот на локацијата во близина на Железничката станица во Скопје, почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Според тогашните најави, карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција.

    Таир, која е актерка, а на оваа функција е од јануари 2019, на неодамнешната прес-конференција за новата премиера, кажа дека уште кога дошла на фунцијата, прашала во Министерството за култура и во Владата до каде е процесот.

    Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов.

    „Колку што ми дозволува надлежноста, праќав писма. Одговорија дека се прави сè за да продолжи изградбата на Турскиот театар и да може да се реши дупката од две и пол години што ништо не се правело поради потрошените средства дотогаш, затоа што во изградба работите се менуваат. Потрошени се средства за кои, веројатно, некој друг одлучува. Јас не одлучувам. Во тоа немам увид, но според моите сознанија, за следната фаза за изградба се потребни 115 милиони денари за фасада и за покрив. Очекувам државата тоа да го реши и Владата да одвои пари, барем за наредната фаза, затоа што во спротивно ќе почне да пропаѓа“, рече в. д. директорката. Таа додаде дека претходно имала средба со поранешниот министер за култура Асаф Адеми, но со актуелниот, Хусни Исмаили, немала можност за средба.

    Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Министерството за тоа во која фаза е изградбата и кои се идните планови и активности на Министерството за Турскиот театар, а оттаму кусо ни одговорија: „Во врска со прашањата упатени до Министерството за култура околу проектот за изградба на Турскиот театар, ве информираме дека завршена е фазата карабина, а во наредниот период ќе се разгледуваат начините за поефиксно финанисирање за продолжување на проектот за изградба на Турскиот театар“.

    Во април 2018, тогашниот министерот за култура, Роберт Алаѓозовски го посети објектот во градба со генералниот директор на државните театри на Турција, Мустафа Курт и министерот без ресор во Владата на Македонија, Аднан Ќахил.

    Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. (Фото: СДК.МК)

    „Продолжуваме со нашата политика на одглавување на капиталните проекти. Како што ги одглавивме Тетовскиот театар, зградата на Албанскиот театар и Македонската филхармонија, ова е уште еден објект кој треба да го ставиме во функција. Интерес на Министерството за култура е да се работи брзо и во добра динамика за да може Турскиот театар да ги добие своите квалитетни услови за работа, но истовремено сите работи врз објектот да бидат изведени врз база на прецизни договори и квалитетно вградување на сите потребни материјали за што ќе разговараме со нашите пријатели од Турција. Сè уште расплеткуваме неколку ситуации околу плаќањата, дали правилно се исплатени одредени фактури, дали одредени барања дадени на суд се исправни, објективни. Се надеваме дека во многу скоро време и тоа ќе го расчистиме за да можеме за втората фаза да стартуваме со чиста ситуација“, рече тогаш Алаѓозовски.

    Околу објектот нема ништо, освен таблата поставена пред шест години. (Фото: СДК.МК)

    Ќахил тогаш изјави: „ Во минатата Влада, Турците беа ставени на маргините на настаните. Тие три години т. е. од 2008  можеа не вакви театри, туку цел град да изградат, но не изградија. Дваесет илјади квадратни метри со една подземна катна гаража кажува дека дилетантски е работено. Секој кој испитувал геолошки знаел дека тука има подземни води“, рече Ќахил и праша зошто баш тука каде има подземни води почнала изградбата. Двајцата тогаш најавија дека втората фаза на внатрешно уредување и техничко опремување на Турскиот театар ќе се реализира во соработка со Генералниот директорат на државните театри на Турција.

    На поставувањето на камен-темелникот во јануари 2014 присуствуваа Груевски, Канческа-Милевска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и тогашниот вицепремиер на Турција, Емрула Ишлер.

    Од претставувањето на идејното решение за Турскиот театар.

    Театарот треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. Автор на идејното решение е архитектот  Виктор Михајлов. Михајлов е автор и на објектот на Филхармонијата, единствените проекти кои не беа дел од проектот „Скопје 2014“.

    Тогашната Влада најави дека изведувач на работите е градежната компанија „Бетон“, а карабината, која ќе чини 248 милиони денари, ќе биде готова за 14 месеци.

    Според најавите од 2014. карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција. (Фото: СДК.МК)

    Турскиот театар годинава ќе слави 70 години постоење. Основан е во 1950, а прва претстава била „Сомнително лице“ во режија на Абдуш Хусеин. Турскиот и Албанскиот театар со години заедно функционираа во Театарот на народности во Старата чаршија. Во 2014 почна реконструкцијата на таа зграда, и ансамблите на двата театара се преселија во Театар Комедија, каде сѐ уште ги играат претставите од актуелните репертоари. Иако најавена за 2015, сѐ уште не е готова ниту реконструкцијата на Албанскиот театар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира