Министерството за култура одбило финансиски да го поддржи издавањето на две нови книги на музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски, што следува само два месеца откако му беше доделена државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за остварување во областа на публицистиката. Филиповски вели дека конкурирал за книгите „Антологија на македонската рок поезија“ и „Монографија за македонските фанзини“, но не му бил одобрен ниту денар во рамките на годишната програма за поддршка на проекти од областа на културата, која беше објавена денеска.
„Ова Министерство, оваа гарнитура, смета дека повеќе не се потребни вакви монографии и енциклопедии, ниту, пак, аудиодокументирање на македонскиот рокенрол. Во изминатите четири години покажав што и колку можам и што заслужува да го има македонската музика. Но, некој таму проценил дека е неважно и безначајно да продолжам со темпото кое сам си го наметнав, а кое институциите не се спремни да го следат“, вели Филиповски.
Неговата четврта книга за четири години „Мизар – Откровенија 1981-2021“ ќе излезе во продажба на 20 март и следува по „Македонска рок енциклопедија 1963-2018“ (2018), „Македонска дискографија-винили 1958-2019“ (2019) и „Македонски рок времеплов“ (2021).
Од Министерството за култура велат дека нивните комисии бодувале и одлучувале според приоритетите.
„Пријавите на Филиповски не добија поддршка поради ниско бодување. Тој има право на жалба до второстепената комисија и Министерството“, велат од Минитерството и појаснуваат:
„Во конкретниот случај, апликантот Друштво за производство, трговија и услуги Корпус Деликти Рекордс ДООЕЛ, Скопје имал два проекти за кои проектната документација била непотполна, односно немал докази за исполнување на посебните услови кои важат за сите изданија за кои се побарани средства за реализација. Според забелешките на Комисијата за музичка и музичко-сценска дејност, подносителот ДПТУ Корпус Деликти ДООЕЛ, Скопје, освен пополнетиот формулар и исполнување на општите услови, приложил само една фотографија и никаква друга придружна документација за двата проекти, а отсуствува и документот за регулираните авторски права“, велат од Министерството за култура.
Разочаран од ваквиот однос на државата, Филиповски најави дека монографијата за „Мизар“ ќе биде негова последна книга.
„Го убија креативниот дух во мене. Имав план да објавам уште 10-15 книги, но некои идни генерации нека продолжат каде што застанав“.
Г. КОНЕВ