„Диџеј Ахмет“, дебито на Геoрги М. Унковски, е филм за љубовта, пркосот, исцелувањето и растењето. И најважно, тоа е филм што се бави со луѓе, а не со пораки. Затоа е меѓу (малкуте) најдобри дебија последниве 15 години во македонската кинематографија.
Приказната, на турски јазик, е за тинејџерот овчар Ахмет (Ариф Јакуп) од патријархалната јуручка заедница во село во Радовишко и неговото семејство скршено по семејната трагедија – татко му (Аксел Мехмет) е очаен и лут, а братчето Наим (Агуш Агушев) не зборува. Ахмет ќе ја запознае врсничката Аја (Дора Акан Златанова) ветена на друг, една ноќ во шумата ќе открие техножурка и тоа ќе му го промени животот. Така ќе почне неговата авантура во која на негови плеќи ќе падне тешката задача наеднаш да порасне: да се заљуби, да се еманципира, да го исцели семејството. И да ја фати розевата овца побегуља.
Унковски, кој е и автор на сценариото, оваа сторија за растењето на Ахмет ја држи цврсто сплетена, без непотребно меандрирање и објаснување на дејството. Како врзивно ткиво го користи хуморот, често сув и директен, дел од неговиот јазик навестен и во наградуваниот краток филм „Налепница“. Авторот има искрено разбирање и љубов за своите ликови и таа топлина е главна карактеристика на тонот на филмот, го прави лесен и те остава со насмевка. Она што фали, сепак, е емотивно снажна драмска кулминација, своевиден „тур де форс“, посебно во најдраматичната сцена на пресметката, која се чини задушена и издишана.
Не се случува често непрофесионални актери да дадат толку моќна изведба која вистински го одредува тонот и интензитетот на филмот. Ахмет на Ариф Јакуп е нежен, сладок, вознемирен, лут и збунет – и сето тоа истовремено. Улогата на заштитнички постар брат на малиот нем Наим ја игра со искрена грижа и топлина и создава врска која суштински ја збогатува приказната. Агуш Агушев како малиот Наим е одличен избор – со големи, тажни очи и лесна насмевка безмалку ја освојува секоја сцена.
Аја на Дора Акан Златанова е шармантна и немирна тинејџерка, решена да му пркоси на авторитарното семејство. Врската помеѓу Ахмет и Аја делува автентично и искрено — двајца тинејџери кои ѝ се предаваат на првата љубов, и покрај сите пречки. Играта на Ариф и Дора ја открива и често занемарената вистина: тинејџерските години се подеднакво тешки и за момчињата и за девојчињата, особено кога растат во репресивни заедници. И дека ако не те бива, не се труди да правиш баклава.
Актерот од Турскиот театар Аксел Мехмет, како таткото на Ахмет и Наим направил мала студија на родителски страв. Мехмет игра татко скршен од семејната трагедија и од стравот што ќе биде со децата, кој тагувањето го покрива со интензивна строгост, речиси грубост кон Ахмет. Грчот на грижа на лицето полека му се опушта како што Ахмет расне занесен во забранетиот техноритам.
Камерата на Наум Доксевски ги слика планинските и селските пејзажи како речиси митско место, чиј контрапункт се динамичните крупни планови кои го откриваат скриениот клокот на животот во селото. Низ тој елегантен спој на надреалното и реалното пулсира битот на музиката на браќата Ален и Ненад Синкауз и го вози филмот во воедначен ритам.
Костимографката Роза Трајчевска креирала реалистични костими, во кои боите и дезените на јуручките народни носии се надополнуваат со алиштата и стилот на современите тинејџери. Но, од „Диџеј Ахмет“ ќе остане и еден костим-хипстерска стилска икона: тиркизната тренерка со тегет пластрони и детали во керамида боја на Ахмет. Овој костим влегува во галеријата македонски филмски костим-икони, покрај синиот адидас дрес и црвени цветни шалвари на Замира во „Пред дождот“ и портабл радиото што ликот на Мери Бошкова, Нада, го носи како чанта во „Мирно лето“.
„Диџеј Ахмет“ имаше светска премиера на Санденс во САД и ги доби Наградата од публиката и Специјалната награда на жирито за креативна визија.
Марина КОСТОВА