Во Македонскиот народен театар (МНТ) во септември ќе биде отворена летната сцена „Славиша Кајевски“, во чест на актерот кој почина на 39 години во декември 2021.
„Оваа сцена е новитет и е на барање на публиката“, велат од МНТ.
Најавувајќи ја новата сезона и проектите, од Театарот велат дека кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе се одигра претставата „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а на 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ.
На големата сцена ќе има премиера на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, која ќе биде работена по мотивите на „12 гневни мажи“ од Реџиналд Роуз. По премиерата, во ноември ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски, претстава која го освои првото место на српскиот фестивал Театар во тврдината 2024 во Смедерево.
Во ноември премиера ќе има и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.
Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996), ова за Савин е трета режија во МНТ. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 , потоа во 1993, а ова е трета постановка.
Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.
„Со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори“, најавува МНТ.
Б. НЕСТОРОСКА