МНТ ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ НА 29 ДЕКЕМВРИ, СЕ САНИРА БАЛКОНОТ ОД КАДЕ ПРОТЕКУВА ВО ФОЈАЕТО

    МНТ ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ НА 29 ДЕКЕМВРИ, СЕ САНИРА БАЛКОНОТ ОД КАДЕ ПРОТЕКУВА ВО ФОЈАЕТОПериодов се санира балконот од каде протекува во фоајето. - Министерот за култура Зоран Љутков и директорот Кимовски лани на 14 ноември при обиколка на МНТ. (Фото: К. Попов)

    Македонскиот народен театар (МНТ), после неколкумесечни одложувања, ќе ја прослави 80-годишнината од основањето со премиера на 29 декември, со претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето Made in MNT“ во режија на Дејан Пројковски. Премиерата првично беше закажана на 3 април, кога е роденденот на МНТ, па презакажана за 13 ноември поради пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март во кој загинаа 63 луѓе, а беа повредени над 200.

    Наместо „Сонцето“, на 13 ноември премиера имаше претставата „Варвари“ на режисерот Владимир Милчин, која се подготвуваше 9 месеци, а премиерата првично беше закажана за 23 април.

    „Сонцето“ се најавува како мултимедијален проект, со сценографот Валентин Светозарев, композиторот Горан Трајкоски, костимографката Марија Пупучевска, а Сергеј Светозарев е дизајнер на 3Д-видеомапингот. Во претставата ќе учествува огромна актерска екипа од ансамблот на МНТ, соло пејачи, воздушни акробати и балетски играчи.

    „Првичниот план за програмата за 2025, за жал, претрпе промени, бидејќи за jубилејот предвиден на 3 април првично мојата идеја беше да се одбележи со претставата ‘Варвари’. Видовме со каков интензитет одат пробите, дека треба повеќе време и се одлучив на варијантата со Дејан Пројковски, како наш вработен режисер, да го одбележиме јубилејот. За голема жал на нашиот народ, се случи трагедијата во Кочани и затоа го пролонгиравме одбележувањето на јубилејот за крајот на годинава и тоа ќе биде заокружување“, ни изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски.

    Министерството за култура и туризам на почетокот на годинава одобри вкупен буџет од 150 илјади евра (9.223.530 денари) за Македонскиот народен театар (МНТ.) Од нив, 102 илјади евра (6.300.000 денари) се за драмска дејност, а 16.300 евра ( 1.100.000 денари ) за меѓународна соработка.

    Кимовски во февруари годинава најави и повторно враќање на сцената на неколку претстави („Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“ кои не се играа подолг временски период), и премиери и на  „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска-Трпеноска, режија на Нела Витошевиќ и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

    „Со Уметничкиот совет на Театарот дискутиравме за тоа сите премиери да не се најавуваат дека се во склоп на 80 години Македонски народен театар, а за преставите на Јаниќијевиќ и Витошевиќ нема што да се лажеме тука, едноставно, овој проект ‘Вараври’, со екипа од 23 актери, ни покажа дека немаме време тоа да го направиме. Тие претстави ќе ги реализираме следната година, кога ќе бидеме повеќе фокусирани на решавање на работите дома“, ни рече директорот Кимовски.

    За одржување на објектите и опремата буџетот е 18.510 евра (1.139.000 денари), за издавачка дејност 5.700 евра ( 350.000 денари), а за европски интеграции 5. 500 евра (340.530 денари).  Периодов се санира балконот од каде протекува вода во фоајето. Според Кимовски, санацијата е покриена со пари од продажбата на билети. Исто така, ќе се репарираат седиштата во однос на механизацијата, но нема да има застој на репертоарот.

    За тоа дека на репертоар оваа година беше вратена само „Ничија земја“ на режисерот Александар Морфов, Кимовски вели дека главен фокус годинава за него како директор било да се посветат надвор од регионот.

    „Според мене го направивме мошне успешно, за тоа се заслужни сите актери и во склоп на целата програма и во склоп на гостувањата, освоивме и Стериина награда, Врање, имавме вкупно 6 награди. Реализиравме 11 претстави кои покажаа дека можеме да ги реализираме, иако во однос на некои копродукции се постави прашањето зошто ги правиме . Наредната година сум многу претпазлив во однос на решавање на внатрешните проблеми во однос на систематизација, на објектот“, рече Кимовски.

    За парите од делегираниот буџет, дали ќе треба да се вратат парите кои не се потрошиле наменски годинава, Кимовски вели:

    „Се работи за еден пробен систем за кој на повеќето институции не им е до крај јасен и јас како продуцент сметам дека тој модел треба да биде поразвиен од првично што беше планиран. МНТ е водечка институција која е со најголем приход, и доколку ние имаме делегиран буџет треба да ни бидат доделени сите тие средства самите да располагаме со нив. Така што, има малку нејаностии во тоа, ја поздравувам идејата на министерот за култура, но мислам дека треба да помине некој период во однос на менаџирањето, да сфатат и Министерството и културните институции како треба тоа да се реализира. На пример конкретниов случај, ние со тие средства или може да ги пренамениме во материјални, да ги искористиме за потребите на театарот, а во однос на наредната година не можеме. Исто така, парите од граѓаните од продажбата на билети одат на буџетската сметка и потоа нам ни треба дозвола истите да ги користиме. Тука се поставува прашањето за тоа како некои институции не прават ништо, а МНТ кој навистина има приходи, и после треба да ги дели тие пари. На пример, претставата ’12’ е направена за 700 илјади денари, досега не знам колку пати сме ги извадиле парите, оти полн салон носи 4 илјади евра“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира