МНТ СО МУЛТИМЕДИЈАЛНА ПРЕТСТАВА ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ НА 13 НОЕМВРИ

    МНТ СО МУЛТИМЕДИЈАЛНА ПРЕТСТАВА ЌЕ СЛАВИ 80 ГОДИНИ НА 13 НОЕМВРИ

    „Сонцето, колку е блиску сонцето Made in MNT“ е насловена претставата со која Македонскиот народен театар (МНТ) ќе одбележи 80 години од основањето. Претставата премиерно ќе се изведе на 13 ноември, откако првичниот датум, 3 април, кога е роденденот на МНТ, беше откажан поради пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март во кој загинаа 60 луѓе, а беа повредени над 200.

    Од МНТ велат дека претставата ја подготвува режисерот Дејан Пројковски, со сценографот Валентин Светозарев, композиторот Горан Трајкоски, костимографката Марија Пупучевска, а Сергеј Светозарев  е дизајнер на 3Д-видеомапингот.

    Во претставата ќе учествува огромна актерска екипа од ансамблот на МНТ,  соло пејачи, воздушни акробати и балетски играчи.

    „Во оваа претстава ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар – љубов, уметничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се позади кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Идејата е преку создавањето на мултимедијални сцени на оригинален начин пред сѐ преку силно визуелен израз да се раскаже за 80- годишното театарско постоење на МНТ“, велат од Театарот.

    Билетите веќе се пуштени во продажба.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира