МОНТИРАВМЕ ВО КОМБЕ, ДОДЕКА ВО ТУРЦИЈА ИМАШЕ ПОЖАР, КАЖА РЕЖИСЕРКАТА ТАМАРА КОТЕВСКА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“

    МОНТИРАВМЕ ВО КОМБЕ, ДОДЕКА ВО ТУРЦИЈА ИМАШЕ ПОЖАР, КАЖА РЕЖИСЕРКАТА ТАМАРА КОТЕВСКА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“Вториот филм на Котевска на 9 ноември ќе има светска премиера на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC). (Фото: К. Попов)

    „Патување пеш“ (The Walk), вториот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, на 9 ноември ќе ја има светската премиера на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC), најголемиот американски фестивал за документарци. Котевска, чиј претходен документарец „Медена земја“ освои историски две номинации за Оскар, денеска рече дека е почестена што добила покана да соработува со филмската компанија „Греин медиа“ од Британија, и оти до самиот крај било неизвесно кога ќе почне да снима филмот.

    „Речиси преку ноќ добивме информации, авионските билети стасаа и веќе следното утро се разбудив во Газиантепе во Турција. Она што на почетокот ме фасцинираше таму се дресираните гулаби, и оттаму тргна мојата приказна, бегалците од Сирија и Палестина да ги претставам како гулабите кои си го бараат своето јато“, кажа Котевска.

    Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, која претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците. Филмот се снимаше 2 години во повеќе од 10 земји, како Сирија, Велика Британија и Јужна Африка Патувањето на Амал која го бара своето семејство завршува на Пикадили, во Лондон, објасни Котевска. Таа поминува пеш 6.000 милји и посетува 97 градови од 14 земји.

    Најфасцинантно за неа во текот на снимањето на документарецот кое почнало во јули во 2021, било патувањето со автобус и брод, низ Турција, Грција, Сирија, Италија. Некои места кои тогаш ги посетиле, сега се срамнети со земја.

    ВД директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, монтажерот Мартин Иванов, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Пеце Талевски од „ОХО“ на прес-конференцијата во Скопје. (Фото: К. Попов)

    „Со монтажерот Мартин Иванов, монтиравме буквално во комбе. Се сеќавам на еден момент, кога во Анадолија имаше пожар. Беше четири наутро, целата екипа освен Мартин, возачот и јас спиеше, а ние возевме низ Турција и монтиравме по пат, додека се гасеше пожарот“, кажа Котевска.

    „Не копнеам по канцелариска работа, главно сум подготвен за монтирање од комбиња и хотелски соби, но оваа покана дојде многу наеднаш. Се вратив од друго патување, имав време само да си исперам алиштата и да тргнам со екипата на пат“, рече монтажерот Иванов.

    Кинематографер е Самир Љума, а музиката на Дуке Бојаџиев.

    Композиторот Бојаџиев се обрати со видеопорака, и рече дека во овој филм има секаква музика, од изворна, преку филмска до оперска и оти му е чест што работел со Котевска и екипата.

    „И јас во еден период од својот живот морав да го напуштам својот дом, да избегам од него и да барам нов, и тоа воопшто не  е лесно, затоа е важно да сфати приказната на документарецот која зборува за бегалците“, рече во видеопорака Самир Љума.

    Котевска на 1 септември говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) на 80. Венециски фестивал фестивал. Котевска говореше и со кус исечок го претстави новиот документарец за глобалната сензација, куклата Амал.

    Главен продуцент на филмот е британската филмска компанија „Греин медиа“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Пеце Талевски од „ОХО“ кажа дека ова е филм за човечката емпатија и дека треба да сме горди на домашните таленти.

    Режисерката Котевска рече дека уште не се знае кога е македонската премиера на филмот, но таа би сакала да го испочитува Македокс и филмот премиерно да се емитува на овој фестивал.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира