Во Драмскиот театар во Скопје, на 18 октомври премиерно ќе се изведе претставата на „Куршуми над Бродвеј“, работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт, во режија на Ненад Витанов. Режисерот на денешната прес-конференција рече дека во текстот не е интервенирано ништо, како и дека костимите се автентични.
„Ова е претстава за непринципиелната коалиција меѓу мафијата и уметноста. На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина, секој со своја цена. Оваа претстава е театарски манифест. Манифест на театарот како храм и пазар, како сон и компромис, како место каде што секоја реплика е куршум – способен да погоди срце, да уништи или да спаси“, вели Витанов.
Играат 15 актери, 13 од Драмскиот театар и двајца студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ.
Драматизацијата е на Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Елена Вангеловска, а за сценските движења со актерите работеше Маја Каревски.
Репризата на „Куршуми над Бродвеј“ е на 22 октомври, а трета изведба ќе биде на 27 октомври на фестивалот на Регионалната унија на театрите РУТА, што годинава ќе се одржи од 25 до 31 октомври во Драмски театар Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА