НА 19 СЕПТЕМВРИ ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ПРЕМИЕРНО ЌЕ СЕ ИЗВЕДАТ ДВЕ РАЗЛИЧНИ ПРЕТСТАВИ „ФЕДРА“ ВО РЕЖИЈА НА ДИНО МУСТАФИЌ

    НА 19 СЕПТЕМВРИ ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ПРЕМИЕРНО ЌЕ СЕ ИЗВЕДАТ ДВЕ РАЗЛИЧНИ ПРЕТСТАВИ „ФЕДРА“ ВО РЕЖИЈА НА ДИНО МУСТАФИЌЛазар Христов, Дејан Лилиќ, Дино Мустафиќ, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески и Леонардо Лазов. (Фото: Д. Гајиќ)

    На 19 септември, во Драмскиот театар во Скопје премиерно ќе се изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“ од реномираниот босански режисер Дино Мустафиќ. Ќе се играат две претстави: од 20 часот ќе се изведе „Федра“ од Жан Расин, која трае околу два часа, а по паузата, ќе се игра „Љубовта на Федра“, според текстот на Сара Кејн.

    Главниот лик Федра во двете претстави го игра Јелена Жугиќ, а останатите ликови ги играат различни актери во двете продукции.

    На денешната прес-конференција Мустафиќ рече дека процесот бил уникатен затоа што одеднаш работел две претстави.

    „Кога ја читав и едната и другата ‘Федра’, а ги читав во различни временски периоди, видов дека во некои речиси 250 или сите 300 години, тоа прашање, тој феномен на нејзината желба за љубов како еден идеал и морална координата останала иста во смисла на антропологијата и онтологијата. Значи, и филозофски и антрополошки, таа останала идентична: желбата таа љубов да биде како еден пат кон нешто што е за секого од нас исклучително, пред сè, искуствено важно, а потоа важно и на емотивен план. ​Така што, и едната и другата претстава се преиспитување на тој мит. Тоа е голем, цивилизациски мит, таа приказна за Федра и Иполит. Уште од Еврипид и Сенека, преку класицизмот, кога Расин го изработил својот познат текст, па до современите интерпретации, Федра служела како една своевидна парадигма за поетите, сликарите и филозофите да зборуваат за една жена и нејзиниот ‘грев’. Каде се јавува тој грев? Дали само затоа што сака да ја исполни својата душа со љубов? Како на тоа гледало тогашното општество, како реагирал системот? Каков е воопшто односот помеѓу моќта и жената или воопшто помеѓу љубовта како некој идеал на внатрешната вистина која често сме принудени од разни околности да ја криеме“, рече Мустафиќ.

    Екипите на двете претстави на денешната прес-конференција во Драмскиот театар. (Фото: СДК.МК)

    Жугиќ кажа дека Федра е една современа жена, која, како и секој човек и секоја жена, истовремено е и грешник и жртва. Според неа, централната тема на „Федра“ е, всушност, љубовта. И во двата текста, љубовта на Федра е општествено-политички некоректна. И во двата случаи, љубовта не може да се инкорпорира во општеството во кое што живее.

    „​Ако кај Расин љубовта е грев, да се сака е грев и до еден клучен момент, драматуршки момент, ликот на Федра се гуши во вина, во самопрезир, за разлика од Федра кај Сара Кејн, каде што љубовта доаѓа до едно ниво на брутално уништување на една крајна фрустрација. ​И од двете неможности на Федра да ја инкорпорира својата љубов, да ја реализира таа своја желба, самоубиството доаѓа како последна контрола на наративот, како еден последен чин на бунт против она општество во кое што таа љубов не може да живее“, рече Жугиќ.

    Во „Федра“ на Жан Расин улогата на Тезеј ќе ја игра Дејан Лилиќ, додека во „Љубовта на Федра“ Тезеј го толкува Александар Степанулески. Лазар Христов и Леонардо Лазов ќе ја играат улогата на Хиполит.

    Актерската екипа на диптихот ја сочинуваат и Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

    Сценографијата е на Драгутин Броз, костимите на Антонија Гугинска-Јорданоска, музиката на Влатко Стефановски, а сценските движења на Филип Петковски. Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“.

    Репризата е на 24 септември, а директорот на Драмски, Роберт Вељановски, најави дека во иднина можно е двете претстави да се играат одделно.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира