НА 20 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА „12“ ВО МНТ, РЕЖИСЕРОТ СИНИША ЕВТИМОВ ЈА ПОСВЕТИ НА МИРКО ПОПОВ

    НА 20 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА „12“ ВО МНТ, РЕЖИСЕРОТ СИНИША ЕВТИМОВ ЈА ПОСВЕТИ НА МИРКО ПОПОВЕвтимов ги обедини реномираните македонски актери Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија). (Фото: МНТ)

    Претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите на „12 лути мажи“ (12 Angry Men) на Реџиналд Роуз, задутре (20 ноември) има премиера Македонскиот народен театар (МНТ). Евтимов ги обедини реномираните македонски актери Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).

    „Претставата е посветена на прерано починатиот, наш соработник и пред сѐ голем пријател, Мирко Попов“, велат од МНТ.

    Мирко Попов, кој беше еден од пионерите на електронската сцена во Македонија, и соработник на Евтимов во ПМГ колектив, почина на 51 година на 24 март годинава. Неговата музка е користена во претставата.

    Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

    „Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8“, велат од МНТ.

    Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.

    Претставата е наменета за возрасна категорија над 16 години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира