Изложба по повод 120 години од раѓањето на сликарот Томо Владимирски ќе се отвори на 5 септември во Даут пашин амам.
Томо Владимирски (1904-1971) е еден од основоположниците на модернизмот во македонската ликовна уметност, како дел од генерацијата на која ѝ припаѓаа и Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други.
„Со неговите мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, Владимирски остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела“, велат од Националната галерија.
Изложбата ја подготви кустос-советник Ана Франговска, а ќе биде поставена цел месец. Содржи околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, кои се сопственост на фамилијата Владимирски, но и на голем број приватни сопственици.