Македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска на 23 јануари ќе има светска премиера на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Триесет и осмото издание на фестивалот ќе се одржува од 24 јануари до 3 февруари во Парк Сити, Јута, а „Медена земја“ е во програмата Светски филм за документарци со уште 11 филмови. По премиерата во Парк Сити, ќе има уште четири проекции во овој град и две во Солт Лејк Сити.
Продуцентот Атанас Георгиев, кој е и монтажер на филмот, на денешната прес-конференција рече дека ова е првпат македонски долгометражен документарен филм со мнозинска домашна копродукција да влезе во конкуренција на Санденс, и оти учеството на еден од најпрестижните фестивали во светот на ниво со Берлин, Кан и Венеција е од големо значење за екипата на филмот и за македонската кинематографија.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее со нејзината мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Георгиев.
„Филмот е повеќеслоен, опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува, во случајов пчелите“, рече Стефанов.
Според Котевска, проблемот настанува кога на имотот доаѓа фамилија-номади, кои се претставници на консумеристичкото општество и кои ќе го нападнат имотот на Атиџе и ќе го загрозат опстанокот на пчелите.
„’Медена земја’ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескмпромисен пристап кон самото создавање филм“, кажа Котевска.
„Во САД ќе однесеме и примероци од нашето жолто злато, медот на Атиџе“, рече Георгиев.
„Медена земја“ во 2017 на филмскиот маркет на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда за поддршка на проекти – 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ). Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).
Георгиев најави дека на почетокот на март ќе има премиера во форма на затворена проекција за македонската публика, а се надева дека пошироката јавност ќе го види на фестивалот на креативен документарен филм Македокс.
Б. НЕСТОРОСКА