НА САНДЕНС СО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ГО ОДНЕСЕМЕ ЖОЛТОТО ЗЛАТО НА АТИЏЕ, ВЕЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ПРОДУЦЕНТОТ ГЕОРГИЕВ

    НА САНДЕНС СО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ГО ОДНЕСЕМЕ ЖОЛТОТО ЗЛАТО НА АТИЏЕ, ВЕЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ПРОДУЦЕНТОТ ГЕОРГИЕВ„Главната порака на 'Медена земја' е дека треба да има фер поделба. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите“, велат режисерите на документарецот, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов (Фото: Продукција „Трајс филмс“)

    Македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска на 23 јануари ќе има светска премиера на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Триесет и осмото издание на фестивалот ќе се одржува од 24 јануари до 3 февруари во Парк Сити, Јута, а „Медена земја“ е во програмата Светски филм за документарци  со уште 11 филмови. По премиерата во Парк Сити, ќе има уште четири проекции во овој град и две во Солт Лејк Сити.

    „Во САД ќе однесеме и примероци од нашето жолто злато, медот на Атиџе“, вели продуцентот Атанас Георгиев (Фото: Продукција „Трајс филмс“ )

    Продуцентот Атанас Георгиев, кој е и монтажер на филмот, на денешната прес-конференција рече дека ова е првпат македонски долгометражен документарен филм со мнозинска домашна копродукција да влезе во конкуренција на Санденс, и оти учеството на еден од најпрестижните фестивали во светот на ниво со Берлин, Кан и Венеција е од големо значење за екипата на филмот и за македонската кинематографија.

    „Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее со нејзината мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Георгиев.

    „Филмот е повеќеслоен, опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува, во случајов пчелите“, рече Стефанов.

    Марјана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата во Македонија, Горган Тозија, директор на Агенцијата за филм, Атанас Георгиев, Тамара Котевска, Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, и Корнелија Конеска од продукцијата (Фото: Продукција „Трајс филмс“)

    Според Котевска, проблемот настанува кога на имотот доаѓа фамилија-номади, кои се претставници на консумеристичкото општество и кои ќе го нападнат имотот на Атиџе и ќе го загрозат опстанокот на пчелите.

    „’Медена земја’ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескмпромисен пристап кон самото создавање филм“, кажа Котевска.

    „Во САД ќе однесеме и примероци од нашето жолто злато, медот на Атиџе“, рече Георгиев.

    „Приказната е за Атиџе, последната жена-ловец на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и го загрозиле нејзиното постоење“, е дел од содржината (Фото: Продукција „Трајс филмс“)

    „Медена земја“ во 2017 на филмскиот маркет на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда за поддршка на проекти – 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ). Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).

    Георгиев најави дека на почетокот на март ќе има премиера во форма на затворена проекција за македонската публика, а се надева дека пошироката јавност ќе го види на фестивалот на креативен документарен филм Македокс.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира