НАГРАДАТА РОМАН НА ГОДИНАТА 2026 ЗА „ТРИ МАРИИ“ НА ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА

    НАГРАДАТА РОМАН НА ГОДИНАТА 2026 ЗА „ТРИ МАРИИ“ НА ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКАЌорвезироска апелираше до младите писатели кои што допрва почнуваат да се занимаваат со оваа работа, да стават акцент на читањето и тој акцент да го чуваат трајно. (Фото: К. Попов)

    Писателката Оливера Ќорвезироска за делото „Три Марии“ ја доби наградата Роман на годината за 2026, која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.  Книгата е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

    ​„Сакам да се заблагодарам на сите претходници во македонската книжевност со кои што искрено се занимавам со децении наназад. Претходници кои што сакам да ги ревалоризираме, да останат незаборавени и да останат трајно впишани во нашата национална книжевност. ​Сакав нивните зборови да се тркалаат како џамлии во нашите реченици од другите генерации. Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам дека нашите книжевни писма всушност треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав“, рече Ќорвезироска на денешното соопштување на наградата.

    Писателката рече дека тоа што ја добива наградата, ја доживува како некое возвраќање и на претходниците во име на Славко Јаневски и од современиците.

    „​Не можам да знам како би било и дали нешто би се променило доколку наградава ја добиев порано, можеби на 35, на 40, на 50 години. Не знам дали тоа ќе значело дека ќе напишев повеќе книги отколку што напишав, или можеби помалку книги отколку што напишав. Исто така, не знам дали би пишувала подобро или полошо ако ја добиев оваа награда порано. Инаку, 1999-тата година јас бев присутна овде кога се додели првпат наградата Роман на годината и мислев дека тоа е нешто што секогаш ќе може да им се случува на другите, а не мене“, додаде таа.

    Ќорвезироска апелираше до младите писатели кои што допрва почнуваат да се занимаваат со оваа работа, да стават акцент на читањето и тој акцент да го чуваат трајно.

    „Затоа што ако сакаме да раскажеме нешта и прикаски што не се случиле никогаш, а тие да бидат поубедливи и повистински од тие што можеби некогаш се случиле, тоа можеме да го направиме исклучиво со читање, а  читањето е нешто што мора да биде основа на нашата работа“, рече таа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира