НАГРАДАТА РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА „ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ“ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

    НАГРАДАТА РОМАН НА ГОДИНАТА ЗА „ЕДИНСТВЕН МАТИЧЕН БРОЈ“ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012. (Фото: К. Попов)

    Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на овогодишната награда Роман на годината, соопшти денеска Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Романот е издание на „Три“.

    За наградата одлучи жири-комисијата составена од : академик Влада Урошевиќ (лански лауреат), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева. Во најтесен избор за наградата годинава влегоа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски, „Заборав“ од Томислав Османли, „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска и „Зелениот дворец“ од Сибо.

    „Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012.

    „’Единствен матичен број’ е мој четврти роман во којшто вложив многу труд, време, многу истражување и мислам дека е мојот најсериозен, најзрел роман досега. На некој начин наградата Роман на годината е моја трета среќа, бидејќи романите ‘Скриена камера’ и ‘Резервен живот’ се најдоа во потесната конкуренција на оваа награда во текот на годините. Многу ми е мило што зад оваа награда стои жири од вакви автори како што нашиот Влада Урошевиќ, нашиот класик и мој професор. Многу е необично за мене да седам овде до него како негова поранешна студентка, а сега на некое исто ниво. Тоа и така треба да се случува во животот. Многу ми е мило што Фондацијата која ја доделува наградата го носи името на Славко Јаневски. Ние сите сме всушност следбеници на Славко Јаневски, во машки или женски лик. Сакам да се заблагодарам на повеќемина што придонесоа овој роман воопшто да биде напишен и објавен. Пред сѐ би сакала да и се заблагодарам на мојата книжевна мајка Оливера Николова, којашто ми дозволи да го искористам мотото во мојата книга, всушност реченица од нејзиниот роман ‘Песот со тажен поглед’ – Зарам тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме? Ова е вистинско прашање за сите нас“, рече Димковска на денешната прес-конференција.

    Наградата Роман на годината првпат е доделена во 1999 година, од Утрински весник, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.

    За Издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда Роман на годината, по наградените: Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000 ), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006 ), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008 ) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).

    Роман на годината се доделува по 25. пат. Се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од околу 2.420 илјади евра (150 илјади денари).

    Свеченото доделување на наградата ќе се одржи во мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира