НАГРАДАТА „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ НА КИНОТЕКАТА ЗА ДОАЈЕНИТЕ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ И ЗОРКА ТОДОРОВА-МЛАДЕНОВИЌ

    НАГРАДАТА „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ НА КИНОТЕКАТА ЗА ДОАЈЕНИТЕ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ И ЗОРКА ТОДОРОВА-МЛАДЕНОВИЌКоле Ангеловски и Зорка Тодорова-Младеновиќ се доајени на македонскиот филм и театар. Наградите ќе им бидат доделени кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања. (Фото: Кинотека)

    Режисерот, доајен на македонскиот театар и филм Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинашни добитници на наградата „Златен објектив“ , соопшти Кинотеката на Северна Македонија. Кинотеката, која денес слави 46 години, секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

    Наградата, вели Кинотеката, на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ поради рестриктивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања.

    Никола Ангеловски-Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но, на филм дебитира во 1962  во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 , па сѐ до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје.

    Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број на улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски.

    Во 1973 го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах љубов моја“.

    Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968  по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“).

    Во 1977 специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз, и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на Факултетот за ликовни уметности и вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет, кадешто се пензионира.

    Авторка е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на 200-тина историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.

    Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмската критичарка Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографката Елена Дончева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари