„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ВЛЕЗЕ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ОСКАРИ

    „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ВЛЕЗЕ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИТЕ ОСКАРИРежисерката Теона Митевска и продуцентката и актерка Лабина Митевска на македонската премиера на филмот, лани на 2 септември. (Фото: К. Попов)

    Филмот на македонската режисерка Теона Стругар Митевска „Најсреќниот човек на светот“ е меѓу првите 19 кои влегоа во селекцијата за Европските филмски награди, соопшти Европската филмска академија (ЕФА). Втората група ќе биде објавена во септември. Станува збор за филмови кои се предлог за номинации, кои ќе ги избираат сите 4.600 членови на Академијата.

    Врз основа на гласовите на 7 ноември ќе бидат објавени, номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм. Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано на 9 декември во Берлин. За да може да се квалификува за наградите, се земаат предвид филмови кои имале прва официјална проекција во периодот од 1 јуни 2022 до 31 мај 2023, и да имаат режисер од Европа.

    Избраните филмови ќе бидат земени предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професиии. Во овие категории нема да има номинации.

    Филмот на Митевска е македонска мнозинска копродукција со 5 земји, меѓу кои и БиХ. Премиерата беше лани на Венецискиот филмски фестивал во програмата Хоризонти, а македонската премиера беше на 2 септември. Беше годинешен македонски кандидат за скар за најдобар странски филм.

    Филмот, кој е целосно на босански јазик, се случува во Сараево и е заснован на вистинска приказна на косценаристката Елма Татарагиќ. Дејството ги следи 40-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка. За време на војната во БиХ, тој пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.

    Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје 5 недели, а една недела во Сараево. Од македонските актери, во филмот играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ, а играат и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

    Со буџет од 1.45 милиони евра, филмот е копродукција на Македонија, БиХ, Данска, Хрватска, Словенија и Белгија, при што Агенцијата за филм учествуваше со 487.000 евра, а доби поддршка и од Еуримаж. Францускиот „Пирамид“, еден од најголемите европски продажни агенти, ги има правата за пласирање и на новиот филм на Митевска.

    Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“. Директорка на фотографија е Белгијката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите ги изработи Словенката Моника Лорбер, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а монтажер е Пер Киркегард од Данска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира