Националниот театар од Приштина со преставата „Карневалите на Корча“ на 21 октомври ќе го отвори 13. Меѓународен театарски фестивал Скупи во Театар Комедија.
„На фестивалот ќе се изведат седум претстави. Ќе дојде софискиот театар ‘Вазраждание’ со ‘Вујко Вања’ од Чехов, од Перм Русија ни доаѓа ‘Осамениот Запад’ на Мартин Мекдона исцениран во театар ‘У Моста’, од Љубљана ‘Покет студио театар’ со монодрамата ‘Жените на Ибзен’, ‘Метропол театар’ од Тирана со преставата ‘Добра ноќ мајко’ од Маша Норман, ‘Пулс театар’ од Белград со преставата ‘Кири и Клодел’ од Моња Ловиќ и на крај последниот ден на фестивалот е претставата ‘Жените пред нервен слом’ според филмот на шпанскиот култен режисер Педро Алмодовар, во продукција на Театар Комедија од Скопје“, најави уметничкиот директор на фестивалот Осман Ахмети.
Ахмети кажа дека преку својата програма фестивалот нуди поглед кон современи светски културни текови, преку прикажување на иновативни и прогресивни претстави, како во театарскиот израз така и во способноста да поттикнат критичко размислување кон општествените и социјалните предизвици.
За наградите ќе одлучуваат актерката Улка Мујо од Албанија, актерот од Македонскиот народен театар (МНТ) Борче Начев и Емин Аземи, долгогодишен театарски критичар и новинар. Сите претстави ќе се играат во Театар Комедија.