НАУЧНИКОТ ЗА ФИЗИКА И КОМПЈУТЕРСКИ НАУКИ ЉУПЧО КОЦАРЕВ ЌЕ БИДЕ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

    НАУЧНИКОТ ЗА ФИЗИКА И КОМПЈУТЕРСКИ НАУКИ ЉУПЧО КОЦАРЕВ ЌЕ БИДЕ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУАкадемик Коцарев (лево) годинава ја доби државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката (Фото: МИА)

    Академик Љупчо Коцарев, научник и професор од областа на физиката, техничките науки и компјутерските науки, од 1 јануари 2020 ќе биде претседател на Македонската академија на науките и уметностите МАНУ. Коцарев доаѓа на местото на академик Таки Фити, чиј мандат од четири години завршува годинава.

    Највисоката државна научно-уметничка институција соошти дека новото раководство е избрано на вчерашното Изборно собрание, а освен нов претседател, за потпретседатели се избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам. Научен секретар на Академијата ќе биде Изет Зекири.

    За членови на Претседателството на МАНУ се избрани академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.

    Шеесет и четиригодишниот Коцарев, е роден во Скопје, каде завршил основно, средно и високо образование – Електротехнички факултет. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

    Во периодите од 1985 до 1999 и од 2007 до 2011 бил вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од формирањето во 2011. Од 1999 до 2016 бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Бил на студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 е избран член на Друштвото на електроинженерите во САД. За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007.

    Научниот интерес на академик Коцарев опфаќа повеќе подрачја од физиката, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 до денес академик Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Годинава ја доби наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира