НЕ ГИ ЗАБОРАВАМЕ ЛУЃЕТО ШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ЗАМЕНИМЕ, КАЖА АКАДЕМИК СТАРДЕЛОВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ВИЗАНТОЛОГОТ ЦВЕТАН ГРОЗДАНОВ

    НЕ ГИ ЗАБОРАВАМЕ ЛУЃЕТО ШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ЗАМЕНИМЕ, КАЖА АКАДЕМИК СТАРДЕЛОВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ВИЗАНТОЛОГОТ ЦВЕТАН ГРОЗДАНОВ„Моето кревко здравје ме спречи да дојдам вчера да те испратам, но денес, Цветан, стојам пред тебе, без тебе, да го исполнам својот човечки и пријателски долг“, рече академик Георги Старделов на денешната комеморација за академик Цветан Грозданов во МАНУ (Фото: М. Златевска)

    Академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денес одржаа собрание посветено на академик Цветан Грозданов кој на почина на 82 години изминатата сабота, а беше погребан вчера на Градските гробишта во Охрид. За академик Грозданов, реномиран византолог и прв министер за култура во независна Македонија, на комеморацијата во полната Свечена сала во МАНУ, пред неговото семејство, колеги, професори и ученици говореа претседателот на МАНУ академик Таки Фити, академик Георги Старделов, деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Ратко Дуев и Сашо Цветановски од Центарот за истражување на културно наследство во МАНУ.

    Сопругата на академик Грозаднов, еминетната професорка и археолог Вера Битракова-Грозданова со синот Климент (Фото: М. Златевска)

    „Моето кревко здравје ме спречи да дојдам вчера да те испратам, но денес, Цветан стојам пред тебе, без тебе, да го исполнам својот човечки и пријателски долг. Знам, раната што ја отвори твојата тешка и болна смрт нема брзо да зарасне, а знам и зошто. Затоа што ние луѓето никогаш не ги забораваме, оние што не можеме да ги замениме, но и оние на кои не можеме да им најдеме рамен. Знам со време, во времето, ќе се роди таков, можеби и подобар, но Цветан никогаш повеќе. Бидејќи Цветан Грозданов беше богата и сестрана личност“, рече академик Старделов во емотивното обраќање.

    Како пријател и колега, тој додаде дека не е можно да се разграничи каде почнува, а каде завршува најпознатиот македонски византолог и редок проучувач на православното христијанство, каде почнува големиот и сестран историски мислител, а каде завршува признатиот професор од кого произлегоа многу поколенија на оригинални истражувачи.

    Академик Фити рече дека Грозданов е македонскиот најеминетен историчар на уметност, византолог со европска и светска репутација, врвен научник, професор, извонреден истражувач, човек чиешто дело е уникатно и беспрекорно сведоштво за раскошната културна историја на Македонија. Неговото дело е, рече академик Фити, грандиозно, величенствено, како според временскиот период на истражување, така и според импозантноста на неговиот начуен опус.

    „Делото на Грозданов донесе престиж и репутација на Македонската академија на науките и уметностите и на Македонија“, рече претседателот на Академијата.

    Претседателот на МАНУ академик Таки Фити и деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Ратко Дуев (Фото: М. Златевска)

    Во целокупниот опус на академик Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски па сè до 19 век. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на Св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици – Св. Климент, Св. Наум, Св. Горазд, Св. Сава, Св. Ангелариј (познати како Седмочисленици). Автор е и на обемната монографија за црквата во Курбиново, една од најзначајните културни споменици во Македонија.

    Грозданов беше министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание 1991/92. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 мај 1991, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996. Во периодот од 2004 до 2007 беше претседател на МАНУ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари