НЕ НЀ ЧУДИ ШТО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВЛЕЗЕ НА САНДЕНС НА РЕДФОРД, ЗНАЕМЕ КАКОВ ФИЛМ ПРАВИМЕ, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ АТАНАС ГЕОРГИЕВ

    НЕ НЀ ЧУДИ ШТО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВЛЕЗЕ НА САНДЕНС НА РЕДФОРД, ЗНАЕМЕ КАКОВ ФИЛМ ПРАВИМЕ, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ АТАНАС ГЕОРГИЕВ„Стефанов и Котевска започнаа со проект за истражување на заштита на природата во Македонија, но наидоа на нешто поинтересно: Атиџе, последната жена-ловец на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и го загрозиле нејзиното постоење“, е дел од содржината објавена на сајтот на американскиот фестивал Санденс (Фото: Продукција „Трајс филмс“)

    Македонскиот документарец „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ќе ја има светската премиера на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм Санденс,  основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Според програмата што ја објави за 38. издание на фестивалот (24 јануари – 3 февруари 2019), „Медена земја“ ќе игра во селекцијата Светски филм за документарци.

    Продуцентот Атанас Георгиев за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека главната идеја на документарецот е да се  прикаже припадноста на човекот кон природата преку посебноста на односот кој тој го има кон неа и нарушување на тој природен баланс преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Георгиев.

    „Јасно ни е одамна каков филм правиме и нема возбуда“, ни рече Георгиев од Бејрут, каде ја завршуваат постпродукцијата на филмот. Неговиот документарец од 2009 „Плати и жени“ освои голем број награди низ светот.

    „Стефанов и Котевска започнаа со проект за истражување на заштита на природата во Македонија, но наидоа на нешто поинтересно: Атиџе, последната жена-ловец на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и го загрозиле нејзиното постоење.
    Кога пчеларите ќе го прекршат правилото на Медената земја (земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите), Атиџе мора да ги спаси пчелите и да ја поврати природната рамнотежа“, е дел од содржината која е објавена на сајтот на Санденс.

    „Медена земја“ лани на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда на фестивалот, 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ). Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско,, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари.

    Стефанов (43) има над 20-годишно искуство во развој и продукција на проекти и документарци врзани со прашања за заштита на животната средина и човековите права. Има снимено два документарци во 2005 и 2017.

    Котевска (25), дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, и веќе 5 години работи како фриленс режисерка. Нејзиниот дипломски филм „Студантс“ ја освои наградата за најдобар балкански филм на Меѓународниот филмски фестивал на документарен филм во Тирана, Албанија. Директори на фотографија се Феми Даут и Самир Љума, а музиката е на „Фолтин“.

    На фестивалот Санденс, во категоријата детски филм ќе се прикаже и семејната драма „Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљковиќ. Филмот е македонско-српска копродукција, која ја раскажува приказната за Јован, 10-годишно момче, родено со делумна церебрална парализа. Српски продуцент е „Акција продукција“, а македонски копродуцент е Огнен Антов од „Дрим фектори“.

    Во филмот игра македонската актерка Јелена Јованова-Периќ, костимографи се Ирена Анастасовска и Милена Миленковиќ. Звукот го снимаше Игор Поповски, директор на фотографија е Микша Анѓелиќ, монтажер е Ѓорге Марковиќ, извршен продуцент е Стојан Вујичиќ. Премиерата на филмот беше на Филмскиот фестивал во Торонто, каде ја освои наградата од публиката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира