НЕ СУМ ГО ГЛЕДАЛ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ МИ ИСПРАТИ ТРЕЈЛЕР И УВИДОВ ДЕКА Е ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА И ЗАЗЕМА СТРАНА, ВЕЛИ ТОЗИЈА ЗА ФИЛМОТ НА БОЈАЏИ ШТО ГО ОСУДИЈА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    НЕ СУМ ГО ГЛЕДАЛ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ МИ ИСПРАТИ ТРЕЈЛЕР И УВИДОВ ДЕКА Е ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА И ЗАЗЕМА СТРАНА, ВЕЛИ ТОЗИЈА ЗА ФИЛМОТ НА БОЈАЏИ ШТО ГО ОСУДИЈА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМФилмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал во некомпетитивна програма (Фото: Официјална страница на Јане Бојаџи)

    Министерството за култура и Агенцијата за филм испратија заедничко соопштение, во врска со, како што велат скандалозниот филм „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи, во кое „ги осудуваат решенијата на претходните гарнитури кои финансиски проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните“ и потенцираат дека „такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните – финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“.

    Според режисерот Бојаџи, во неговото долгометражно режисерско деби  се испреплетуваат четири приказни, работен е според вистински настани од блиската историја, едната е битката на Радуша и киднапирањето и малтретирањето на мавровските работници за време на воениот конфликт 2001, како и убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка.

    Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека сѐ уште го нема гледано филмот, го погледнал само трејлерот кој му го испратил министерот за култура Асаф Адеми, и дека не е професионално од него да коментира или да дава изјави кога ја нема целата слика, а дополнително треба да провери кој го потпишал одобрението за филмот.

    „Јас сум за тоа дека уметниците треба да покренуваат прашања, да отвораат теми, но според тоа што го погледнав од трејлерот, мојот впечаток е дека филмот има партиска пропаганда и дека зазема една страна. Лично сметам дека не ни се потребни филмови кои ќе не раздвојат уште повеќе“, ни рече Тозија, додавајќи дека до утре ќе го гледа филмот и ќе дојде на попладневната прес-конференција која ја закажа министерот Адеми.

    Во заедничкото соопштение на двете институции сти дека се подготвува ново законско решение, „кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби и ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиското, и што е најважно врз темите, идејите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови“.

    „Министерството и Агенцијата за филм потенцираат дека ова е последен пат со парите на граѓаните се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани. За жал, последните години сме сведоци на разни финансиски и идеолошки малверзации, а парите за филмот за кој е јасно дека предизвикува контроверзии е финансиран во 2015 година. Агенцијата за филм веќе започна голем број постапки за проекти финансирани во минатото, отчет за парите трошени од буџетот на РМ мора да постои“, се вели во соопштението.

    Сцена од филмот „Ругање со Христос“ (Фото: Официјална страница на Јане Бојаџи)

    Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал во некомпетитивна програма.

    Според информациите на официјалната страница на Бојаџи, приказната во филмот е за Александар Филипопулос (го игра Љупчо Тодоровски- Упа), новинар во познат политички магазин во Париз, Франција, со потекло од Грција, во деновите кога неговиот личен и професионален живот е на раскрсница, добива писмо од Вани (Младен Крстевски) инаку негов братучед од Грција дека татко му Лазар (Мето Јовановски) умрел во Македонија. Тогаш сѐ тргнува наопаку.

    Екипата на „Ругање со Христос“ на режисерот Јане Бојаџи на сет (Фото: Официјална страница на Јане Бојаџи)

    „Александар, во Франција драматично ја напушта неговата сопруга Магда (Јана Клејн, Франција) и од Париз се враќа во Атина а од таму во неговото родно место, селото Герман (Агиос Германос) на северот од Грција покрај Преспанското Езеро. Оттаму тој тргнува во потрага по вистината за тоа кој всушност бил неговиот татко Лазар Филиповски. Потрагата ќе го однесе во Скопје и назад кон Грција. На тоа животно патување случајно со него ќе замине младата и егозтична Андреа Пападина (Јоана Пилиху, Грција), која бегајќи од дотогашниот напорен и комлициран живот на уметнички фотограф во големата Атина, на северот, во Македонија, ќе ги направи фотографиите на нејзиниот живот, низ нив раскажувајќи ни за мистеријата на заплетканите човечки, културни и политички односи помеѓу Македонија и Грција и Македонците и Грците“, вели Бојаџи во неодамнешно интервју за „Радио Слободна Европа“.

    Таму кажа дека „Ругање со Христос“ има крајно едноставна, но и прилично комплицирана структура. Четири приказни се раскажуваат одделно, секоја за себе, но сите взаемно се вкрстуваат во една приказна.

    Во интервјуто Бојаџи вели дека 2001 година е клучна и пресвртна година за Македонија и оттаму нејзиното место во филмот. Истакнува дека во него има една цела драматуршка линија во која Лазар Филиповски на пат од Скопје кон Тетово ќе биде грабнат од терористите на УЧК.

    „Тоа се три вистински настани кои ние ги обработуваме за да покажеме дека некогаш инструментите и средствата се толкуваат како средства за слобода, а некогаш се толкуваат како средства за терор. Идејата на филмот е да кажеме дека ниту еден терор не направил ништо добро, туку дека секој терор раѓа и создава нов терор. Затоа и поднасловот на филмот е: Секој против секого – Господ против сите! Се обидуваме да кажеме дека кога ќе тргнеме против секого којзнае каде ќе завршиме“, вели Бојаџи во наведеното интервју.

    Петтемина работници на ГП „Маврово“ беа киднапирани на автопатот во тетовското село Желино на 8 август 2001, во моментот кога ја обележувале сообраќајницата. Според обвинението, киднапирањето го извршиле 30-ина луѓе, членови на ОНА. Недолжните цивили биле однесени во непознат правец и цел ден ѕверски измачувани, тепани и сечени по телото, а потоа пуштени. По тортурата врз нив, кога едвај се довлечкале до Тетовска болница, Фикрет Нухиу, лекарот од Итна помош, им рекол дека не им е ништо, покажувајќи им ја вратата. Раскрвавените луѓе ги згрижиле медицинските сестри и друг лекар. Случајот Мавровски работници, беше еден од четирите случаи кои Меѓународниот суд за воените злосторства во Хаг ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во земјата. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на Република Македонија на 24 јули 2011, со 62 гласа „за“ го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и Водство на ОНА.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира