По успешната кариера во бодибилдингот и неисполнатата желба да стане градоначалник, битолчанецот Зоран Лазаревски-Паљо настапи во урнебесната роденденска комедија на Народниот театар од Битола. Претставата „Патувачки театар“ во режија на Јован Ристевски беше одиграна синоќа, по повод 72. роденден на оваа театарска куќа и непосредно пред заминувањето на гостување во Санта Барбара, САД.
Во неа, покрај театарскиот ансамбл, на сцена се појави и Паљото со перика со долга коса на главата и саксофон во рацете. Беше дел од музичкиот настап на актерката Јулијана Стефановска, која се појави преправена како Тина Тарнер и го пееше хитот „Едноставно си најдобар“ (You’re Simply the Best), а Паљото крај неа гумеше како да свири на саксофон.
Додека несудениот градоначалник беше на сцена, во публиката беше поранешниот актер, а сегашен градоначалник Владимир Талески.
Претставата беше инспирирана од гостувањата на Битолскиот народен театар низ светот. Дејството беше прикажано како да се случува во авион, па на секоја станица каде слетуваа Лондон, Пекинг, Њујорк и други места по еден актер настапуваше со музичка точка. Така, директорот Валентин Светозарев пееше песна од Леонард Коен, Маја Андоновска „Њујорк“ од Френк Синатра, Борис Чоревски, во претставата прикажан како капетан Ќоропулос, ја изведе песната од „Кој те има, тој те нема“ од „Гарави сокак“ и други.
Настапите предизвикаа аплаузи кај публиката и смеа до солзи. На сцена брилјираше Никола Пројчевски во улога на машки стујарт кој услугите на таканаречениот „НТБ – ерлајнс“ ги претствауваше на турски, бугарски, англиски, кинески, хебрејски и други јазици.
Во хумористичната атмосфера која владееше, актерите ги кажаа државите каде што до сега не биле, а сакаат да гостуваат, па во вид на писмо ѝ ги врачија на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која беше во публиката.
Шоуто кое траеше час и половина заврши со изведба на песната „Добредојдовте во хотел Калифорнија“ (Welcome to the Hotel California) во чест на патувањето во Санта Барбара каде Битолскиот театар ќе гостува со претставата „Антоние и Клеопатра.“