НЕВЕРОЈАТНО БЕШЕ НА БЕРЛИНАЛЕ – САРА КЛИМОСКА ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА ЗА ЕВРОПСКА АКТЕРКА ВО ПОДЕМ

    НЕВЕРОЈАТНО БЕШЕ НА БЕРЛИНАЛЕ – САРА КЛИМОСКА ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА ЗА ЕВРОПСКА АКТЕРКА ВО ПОДЕМКлимоска (прва од десно) меѓу наградените 10 најдобри европски актери во подем. (Фото: Европска филмска промоција)

    Имав неверојатно искуство на Берлинале, вели актерката Сара Климоска која синоќа во Берлин ја прими наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува платформата Европска филмска промоција. Седумдесет и првото издание на Берлинале се одржа во март, но наградите се доделуваат периодов од 9 до 20 јуни.

    На синоќешната свеченост, на специјално изградената сцена во Музејскиот комплекс во Берлин, наградите на 10-те најдобри европски актери во подем им ги додели Марија Шрајдер. Таа доби Сребрена мечка за најдобра главна улога за филмот што го режираше „Јас сум твојот човек“ .

    Климоска на синоќешната свеченост во Берлин. (Фото: Берлинале)

    „Имав прекрасни, возбудливи и интензивни три дена во Берлин на првата летна едиција од Берлинскиот филмски фестивал. Конечно имав можност во живо да ги запознам колегите до кои ја делам наградата  и навистина секој еден од нив е исклучителен! Благодарна сум на Агенцијата за филм за номинацијата и на Европската филмска промоција за наградата и за приредување на едно неверојатно искуство“, изјави Климоска.

    Наградата ја добива за улогата во дебитантскиот филм на Игор Алексов „Лена и Владимир“, во продукција на „Минд“, според сценариото на Александар Русјаков.

    Од земјава, оваа награда досега ја добиле Лабина Митевска во 1998, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира