НЕВИДЛИВИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛКИ ПОМЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ ОСВЕТЛЕНИ ВО КНИГА ОД ИВАНА ХАЏИЕВСКА И ЈАНА КОЦЕВСКА

    НЕВИДЛИВИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛКИ ПОМЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ ОСВЕТЛЕНИ ВО КНИГА ОД ИВАНА ХАЏИЕВСКА И ЈАНА КОЦЕВСКАТимот користел извори од: списанието „Луч“ , печатено во Скопје во периодот 1937-38, југословенскиот студентски журнал „Смена“ и списанието „Илинден“ печатено во Софија. (Фото: ЦИНИК)

    Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска им дадоа светлина на помалку видливите во историјата и со тоа ги направија видливи, т. е. посветија книга на македонските жени кои живееле во периодот меѓу двете светски војни, вели професорката Нада Бошковска за авторките на книгата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“.

    Книгата беше промовирана во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во издание на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).

    Публикацијата ја изготви тим од осум истражувачи и истражувачки, и тоа Нада Бошковска (стручна соработничка/предговор), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (прирачник со препораки за крос-институционални политики).

    Од промоцијата на книгата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“. (Фото: СДК.МК)

    За собирање на податоците, тимот користел извори од: списанието „Луч“ , печатено во Скопје во периодот 1937-38, југословенскиот студентски журнал „Смена“ и списанието „Илинден“ печатено во Софија.

    „Жените најчесто ги наоѓаме во три категории, тоа се најчесто хуманитарки, учителките кои имаат голема видливост и биле почитувани од властите и заедниците и жени кои биле вклучени во различни форми на народен отпор, како курирки, комитки, дури и војводи на чети. Тие поради свои семејни приказни се одметнувале и заедно со членовите на своето семејство или сами, вон таа класична патријархална структура на жена и сопруга, заминувале во планините,  живеејќи еден сосема поинаков живот, правејќи историска руптура“, рече Хаџиевска.

    Сепак, сметаат авторките, иако во книгата има студии и податоци од истражувања, општо гледано, историјата на жените сѐ уште е премалку застапена во македонската историографија.

    „Не е воопшто зачудувачки што истражувачките од тимот најдоа толку малку текстови чии авторки се жени. Големите поместувања во областа на урбанизацијата, писменоста и правната еднаквост не се случиле сѐ до периодот на социјализмот и не вродиле со плод сѐ до 1960-те“, пишува во предговорот професорката Бошковска.

    Во фоајето на НУБ „Св. Климент Охридски“ поставена е изложбата на визуелната уметница Христина Иваноска на тема „Музеј на женски приказни“ започната во 2015 година. (Фото: СДК.МК)

    Според Котевска, која е авторка на делот за јавните политики, потребно е позиционирање на родовата еднаквост и родовата видливост како клучни приоритети за развојот на историографијата во Македонија.

    Таа наведува повеќе препораки, како на пример, прочистување на учебниците по историја од доминантните хетеронормативни машки вредности, отстранување на родови стереотипи и дискриминација од учебниците, како и доследно спроведување на законот за еднакви можности и на законот за спречување и заштита од дискриминација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира