НИЕ КАЖУВАМЕ ШТО НИ ТРЕБА ВО КУЛТУРАТА, НЕ БИРОКРАТИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО – СИНДИКАТОТ БАРА КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВЕДНАШ

    НИЕ КАЖУВАМЕ ШТО НИ ТРЕБА ВО КУЛТУРАТА, НЕ БИРОКРАТИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО – СИНДИКАТОТ БАРА КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВЕДНАШ„Ние сме единствената земја во регионот без Колективен договор во културата, единствената земја во која има астрономски разлики во платите помеѓу дејностите, каде се измислуваат работни места по нарачка“, рекоа денес вработените во културните инстиуции, на протестниот марш насловен „Колективен сега“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ние сме тие кои кажуваме што е потребно во нашите професии, а не Министерството за култура, рекоа денес вработените во културните инстиуции на протестниот марш насловен „Колективен сега“. Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) организираше, како што рекоа, предупредувачки марш на кој го изразија нивното незадоволствo и разочарување од згазените социјални права на вработените во културата поради отсуството на општ колективен договор веќе 15 години.

    По стартот од паркот Ибни Пајко, застанаа пред Владата каде оперските пејачи од Националната опера и балет (НОБ) го испеаја делот „Хорот на Евреите“ од операта „Набуко“, а потоа пред Министерството за култура претседателите на сите 46 синдикални организации ја пренесоа пораката дека бараат Колективен договор веднаш, кој ќе стапи на сила од 1 јануари 2020.

    Од СОНК ни рекоа дека веднаш откако заминале од пред Владата, премиерот Зоран Заев им закажал средба на 24 октомври.

    Оперските пејачи од Националната опера и балет (НОБ) го испеаја „Хорот на Евреите“ од операта „Набуко“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Ние сме единствената земја во регионот без Колективен договор во културата, единствената земја во која има астрономски разлики во платите помеѓу дејностите, каде се измислуваат работни места по нарачка, каде нема основни услови за работа, каде не се исплаќаат унапредувања, службени дневници и други надомедостовци регулирани со Законот за работни односи. Одговорот зошто ова е заеднички успех на сите министри од 2005 навака лежи во фактот што во ова Министерство работат бирократи кои сметаат дека тие се културата, а ние плебсот сме инстиуции кој не е вреден за внимание. Тие луѓе 15 години деспотски и субјективно одлучуваат или извршуваат по налог кому да му ја покачат платата. Каков закон ни треба, каков колективен договор да ни сместат. За сите проблеми 15 години вината ја префрлаат врз министрите за култура, врз другите министерства и нас вработените во институциите. Денес само гласно ги потсетуваме дека Министерството за култура е сервис на институциите меѓу вработените во културат“, рече секретарот на СКРМ Гоце Павловски.

    На протестот дојдоа околу 1.000 вработени од културните институции од земјава (Фото: Ѓ. Личовски )

    На протестот пред зградата на Министерството се симнаа и членови на кабинетот на министерот Хусни Исмаили, а во нивното соопштение стои дека „Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организаци“.

    Оттаму додаваат дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор, и дека тој е во завршна фаза.

    „Укажуваме дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и Предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста.
    Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.01. 2020 година“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира