Никол Кидман ја освои наградата за најдобра актерка на Венецискиот филмски фестивал за улогата на извршна директорка која е во врска со млад стажант во филмот „Бејбигрл“.
Сепак, Кидман не беше во Венеција за да ја прими наградата. Иако дојде во Венеција за свеченото доделување на наградите, Кидман мораше да замине кусо по слетувањето по веста за ненадејната смрт на мајка ѝ. Во нејзино име ја прими режисерката на филмот Халина Рејн, која откри дека починала мајката на Кидман. Режисерката Рејн ја прочита пораката од Кидман: „Во шок сум и морам да одам кај моето семејство, но оваа награда е за неа… Јас сум неизмерно благодарна што можам да го кажам нејзиното име на сите вас. Судирот на животот и уметноста е потресен и срцето ми е скршено“.
За најдобар актер е прогласен Венсан Линдон за француската драма „Тивкиот син“, во која игра самохран татко чиј син е радикализиран од крајната десница.
Осумдесет и првото издание на фестивалот се затвори со светската премиера на „Хоризонт – Американска сага 2“ на Кевин Костнер.