Сликовницата напишана на кирилично, брајово и знаковно писмо „Буква по буква – азбука“ од поетесата Гордана Симоновска-Момировска беше промовирана денеска, во чест на 24 Мај- Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
„Тука на едно место, ќе ги запознаете сите три форми на азбуки со кои луѓето со и без попреченост комуницираат меѓусебе. Во случајов, зборуваме за кириличната, брајовата и знаковната азбука. Брајовата и знаковната азбука се испечатени на крупен фонт за да се задоволи целосната читателска публика. Велат дека познавањето на туѓите јазици е вистинско богатство, но тогаш кога ќе умееме да ги препознаеме и формите на азбуките со кои што се општи, верувајте, тогаш тоа богатство станува бесценето“, рече Симоновска-Момировска.
Македонската верзија на сликовницата ќе биде достапна од утре, а парите од секоја купена сликовница ќе се донираат за хуманитарните активности што ги спроведува здружението на граѓани „Различни, а еднакви“. Дел од собраните средства ќе бидат донирани и во Сојузот за слепи лица од Велес, за да се набави машина за печатање на брајово писмо.