Денеска во 10 часот започнуваат со работа комисиите кои ќе ги разгледаат сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма за национален интерес за 2019 на Министерството за култура. Од кабинетот на министерот за култура Асаф Адеми соопштија дека ќе почнат со работа сите стручни комисии по одделни дејности, кои ќе имаат задача повторно да ги разгледаат сите апликации кои беа одбиени на конкурсот за Годишната програма.
Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа сите пристигнати пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство) и Вилдане Идризи (библиотечна дејност).
На објавените Годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година пристигнаа 5.560 пријави, а комисиите предложија поддршка за 2.781 проект.
„Одлуките за сите одбиени апликации ќе бидат поништени и по нивното повторно разгледување, доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти од национален интерес ќе биде дополнета“, вели Министерството, без да објасни од кој буџет ќе биде дополнета листата на евентуално поддржани проекти.
Министерството за култура во петокот ја објави Годишната програма за национален интерес во културата, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции, а пак министерот за култура Аасф Адеми рече дека сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани.
И директорите на десет театри и Центри за култура вчера испратија барање за ревизија на националната програма за 2019 до Владата и до премиерот Зоран Заев, реагираат дека се незадоволни од целокупната програмата и доделените средства и бараат средба. Барањето го испратија директорите Симона Угриновска (Македонскиот народен театар), Викторија Рангелова-Петровска (Драмски театар), Сашо Ристовски (Театар Комедија), Несрин Таир (Турски театар), Ване Партиков (Центар за култура „Антон Панов“, Струмица), Менче Караџоска (Центар за култура „Марко Цепенков“, Прилеп), Алексадар Ивановски (Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, Велес), Сашо Тодоровски (Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово) Маја Андоновска-Илијевски (Центар за култура Битола) и Иван Јерчиќ (Народен театар Битола).
По соопштувањето на програмата, оставка од Советот за култура си поднесе режисерката Зоја Бузалковска, а со отворено писмо реагираше и актерот Оливер Митковски, како член на комисијата за драмска дејност.
Најмногу реакции предизвикаа неодобрените проекти во музичко-сценската дејност, откако беше објавено дека реномирани фестивали како Скопскиот џез фестивал, Офф-фест, Здраво млади и Златно славејче годинава не добија пари од Министерството за култура.
„Најголемите фестивали и настани беа најголемите прекршители на најелементарните барања на конкурсот. Јас лично со моите колеги од комисијата ги баравме и им укажувавме дека ги немаат основните документи за прописно аплицирање, некои од нив образложуваа дека секогаш така било (без документи), додека други се изјаснуваа дека проблемот ќе го решат на повисоко ниво, мислејќи дека министерот и Кабинетот ќе им излезат во пресрет“, ни рече претседателот на комисијата за музичко-сценска дејност Гаши.
Гаши вели дека министерот Адеми со неговиот кабинет барал и настојувал да бидат коректни, праведни и под никакви околности да не го прекршат законот и дек самиот настојува за тотална транспарентност до крај.
Б. НЕСТОРОСКА