Оперската ѕвезда Ана Нетребко е хоспитализирана во болница во Москва поради пневмонија предизвикана од ковид-19.
„Се грижат за мене. Сѐ ќе биде ок. Брзо ќе се опоравам. Ѓаволот не е толку лош како што се прикажува“, напиша најдобриот сопран на денешнината на Инстаграм. На 18 септември таа го помина во болница својот 49 роденден.
Нетребко изјави дека штом почувствувала дека се разболува веднаш се изолирала, и покрај тоа што во тој период имала негативен тест на коронавирус. Нејзиниот сопруг, тенорот Јусиф Ејвазов е позитивен на ковид-19, но е асимптоматски, додека пак нивниот син е негативен.
Бољшој театарот ја откажа претставата „Дон Карлос“, поради позитивниот тест на басот Илдар Абдразаков, каде требаше да пее и Нетребко. Таа пред неколку дена пееше на повторното отворање на светски познатиот театар по затворањето во март поради пандемијата.