ОПШТИНА ШТИП СЕ СКАРА СО АЛАЃОЗОВСКИ ОТИ ГИ НАМАЛИ НАГРАДИТЕ ЗА „МАКФЕСТ“

    ОПШТИНА ШТИП СЕ СКАРА СО АЛАЃОЗОВСКИ ОТИ ГИ НАМАЛИ НАГРАДИТЕ ЗА „МАКФЕСТ“Сцена од ланскиот „Макфест“ кога наградниот фонд беше 26.500 евра, годинава е смален на 3.500 евра

    Општината Штип најави дека в година за фестивалот на забавна музика „Макфест“ нема да и требаат парите од Министерството за култура, и дека самата Општина, како организатор ќе обезбеди квалитетен награден фонд преку спонзори и донатори.

    Реакцијата на Општината следи по одлуката на Министерството за култура значително да го намали наградниот фонд за фестивалот Макфест од 26.500 евра на 3.500 евра.

    Од Општината додаваат оти тоа ќе го направела и годинава ако одлуката на Министерството не пристигнала пред самиот почетокот на фестивалот што треба да се одржи на 5,6 и 7 октомври.

    „Министерството за култура го погази сопствениот преддоговор кој го имаше со Општина Штип во кој се согласија да ги обезбедат средствата за награднио тфонд во висина од 10.000 евра за прва, 7.500 евра за втора и 5.000 евра за трета награда, како и останатите награди.

    Со анексот кој го нуди на потпис, сега Министерството се обидува да го поништи преддоговорот со кој веќе има утврдени обврски. Не навлегуваме во мотивите на новата одлука, а најмногу во целата работа да внесуваме политика бидејќи тоа може само да му наштети на фестивалот кој постои 32 години. Со новиот награден фонд најмногу се погодени авторите на композицииите кои конкурираа со однапред утврдени и најавени награди. Сега се соочуваат со настап по сосема други услови.

    Имајќи во предвид дека наградите се намалени на 1.500 евра за прва 1.000 евра за втора, 500 евра за трета награда сметаме дека во иднина сами ќе го организираме и финансискиотдел, а за досегашната соработка со Министерството за култура се заблагодаруваме “ се вели во соопштението на Општината .

    Од Министерството за култура ни рекоа дека „Макфест“ е значајна манифестација за македонската забавна и популарна музика, дека е манифестација на која во нејзините најдобри времиња на сцената се појавуваа најдобрите македонски изведувачи на забавна и поп музика, а се презентираа песни кои потоа станаа многу популарни меѓу публиката и го заслужија своето место во историјата на македонската современа музика. Поддршката во иднина од Министерството за култура, како што додаваат, ќе биде токму во оваа насока – да го поддржи подигнувањето на целокупниот квалитет на манифестацијата, наспроти неколкугодишното стагнирање и кокетирањето со жанрови во кои отсуствуваат базични естетски и уметнички вредности.

    „Оваа година Министерството ќе ги покрие побараните трошоци од организаторите на фестивалот, но хонорарите за првонаградените нема да бидат воопшто онакви какви што беа во минатите неколку години на неколку музички фестивали, кога се плаќаа по 20.000 или 10.000 евра за прво место. Тие суми предизвикаа многу јавни сомнежи за клиентелизам, коруптивно однесување, во некои случаи јавноста со денови се занимаваше и со наводи за обиди за измама на гласања на телевоутинг и слично. Во исто време, првонаградениот на меѓународниот театарски фестивал ‘Ристо Шишков’ добива 1.500 евра како награда, а на нашиот најреномиран театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ наградата е во износ од 500 евра. Таква нееднаквост и такво расфрлање со парите на граѓаните во вакви времиња ние едноставно не можеме и не смееме да си дозволиме.

    Моментално, Министерството за култура е во процес на создавање на новата петгодишна стратегија за културен развој, чијшто првичен нацрт е на јавна расправа пред сите заинтересирани. Очекуваме низ овој процес да најдеме и решенија за осовременување, долгорочна одржливост и развој на македонските фестивали и правично вреднување на трудот на нашите уметници“, стои во одговорот од Министерството.
    На 21 и 22 месецов се одржа 32 издание на фолк фестивалот „Валандово“, откако лани беше откажан поради забраната за емитување музика од автори-членови на ЗАМП (Здружението за заштита на музичките права) за емитување на македонска музика на нивни членови во електронските медиуми. Лани беше откажан и Скопскиот фестивал.

    „Валандово“ имаше две вечери, едната од ревијален карактер, а другата од натпреварувачки, а фондот на наградите исто така беше намален.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира