Британскиот кинематографер Ентони Дод Ментл, кој освои Оскар за „Сиромавиот милионер“ во 2009, е годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, чие 43. издание ќе се одржува од 20 до 27 август.
Со кариера долга над три децении, 67-годишниот Дод Ментл работел на повеќе од 60 филмови и серии, меѓу кои се истакнува соработката со Дени Бојл и дански режисери.
„Дод Ментл е еден од петтемина најголеми живи кинематографери на светот. Се смета за пионер на дигиталната фотографија и е првиот оскаровец за филм снимен со дигитална камера. Еден сестран уметник и вистински пионер во својата област, како и браќата Манаки. Тој ќе дојде во Битола за да ја прими наградата“, кажа директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.
Во четирите натпреварувачки програми ќе се прикажат вкупно 54 филма, од кои 14 во главната.
„Дел од главната програма ќе бидат и годинашните победници во Кан и Берлин, ‘Триаголник на тагата‘ и ‘Алкарас‘, како и два македонски филма. Ќе ги видиме ‘Мими‘ на Даријан Пејовски и ‘Снежана на крајот умира‘ на Кристијан Ристевски, за кој тоа ќе биде македонска премиера“, изјави селекторот на главната програма, Слаѓан Пенев.
Во кратката програма ќе има 14 филма, во документарната 10, како и 18 во студентската, која од регионална стана европска.
„Учесниците во студентската програма ‘Први чекори‘ доаѓаат од некои од најреномираните филмски академии во Европа. За Кристална камера 300 ќе се борат 18 филма од 17 држави“, кажа Дамевски.
Тој како гости најави филмски и телевизиски ѕвезди од Австрија, Турција, Франција, Италија и други земји, чии имиња дополнително ќе бидат објавени.
Г. КОНЕВ