Кениско-мексиканската актерка и оскаровка Лупита Нионго ќе биде на чело на Берлинале 2024, што ќе се одржи во февруари, соопшти фестивалот.
„Од нејзиниот Оскар во 2014 за најдобра споредна женска улога во ’12 години ропство’ на Стив Меквин, кениско-мексиканската актерка, режисерка, продуцентка и писателка чија книга беше на листата бестселери на ‘ Њујорк тајмс’, Лупита Нионго, стана една од најпознатите меѓународни актери, која ја инспирира публиката и филмски критичари“, вели Берлиналето.
Дете на Кенијци, таа е родена во Мексико Сити и пораснала во Кенија, студирала во САД. Играла и во филмот на Марвел „Црн Пантер“, продолжението „Црн Пантер: Ваканда засекогаш,“ „Ние, малите чудовишта“, „Кралицата на Катве“, „Војна на ѕвездите: Силата се буди“. Игра и на сцената на Бродеј, а во 2020 ја напиша детската книга „Сулве“ која се најде на листата бестселери на „Њујорк тајмс“. Таа е и извршна продуцентка на годинашниот судански кандидат за Оскар „Збогум, Јулија“, деби на Мохамед Кордофани.
Берлинале 2024, првиот од главните европски филмски фестивали во годината, ќе се одржи од 15 до 25 февруари. Тоа ќе биде последното издание под актуелното лидерско дуо на извршната директорка Мариет Рисенбек и уметничкиот директор Карло Катријан.