Осум претстави од повеќе земји ќе се изведат на 20. јубилејно издание на Меѓународниот театарски фестивал Скупи, кој ќе се одржува од 10 до 17 октомври во Албанскиот театар во Скопје. Ќе се изведат претстави од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и Србија, а ќе има и меѓународни копродукции од Шведска, Украина, Финска и Грузија.
Програмата, како што велат од Фестивалот, ја сочинуваат претстави со различни автори и режисери, кои преку различни сценски јазици и естетики обработуваат човечки, општествени и универзални теми.
Фестивалот ќе се отвори со премиерата на „Непризнат“ (Unrecognized), по текст на Давит Габунија и Јетон Незирај, во режија на Дата Тавадзе. Продукцијата е меѓународна соработка на повеќе театри и организации од Приштина, Тбилиси, Стокхолм, Киев, Скопје, Малме и Гетеборг.
На 12 октомври ќе се изведе „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Јонида Беќо и продукција на театар „Метропол“ од Тирана. На 13 октомври е „Сексохолик“ (The Sexoholic) од Полска, во авторство и режија на Грегор Кемпински, а на 14 октомври „Гнасотија“ на Астрит Кабаши, во продукција на Националниот театар на Косово.
На 15 октомври ќе бидат изведени две претстави: „Работите што не се кажуваат“ на авторката Марија Иванов и режија на Ана Батевa, во продукција на Театарот „Алексеј Матеевич“ од Молдавија, и „Мухамед Али“, по текст и во режија на Тургај Коркмаз, во продукција на Театарот „Јолџу“ од Истанбул.
На 16 октомври е најавена „Богот на масакрот“, според делото на Јасмина Реза, во режија на Антон Угринoв и продукција на Националниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија.
Фестивалот ќе биде затворен на 17 октомври со „Тие повеќе не се тука“, по текст на Дорунтина Баша и во режија на Андреј Носов. Претставата е продукциска соработка на Хартефакт од Белград, САРТР од Сараево и Мај Балканс од Србија и САД.
Жири-комисијата ја сочинуваат Мерита Чочоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили. Покрај главната награда за најдобра претстава, жирито ќе ја додели и специјалната награда „Луран Ахмети“, која го носи името на познатиот албански актер, кој почина на 46 години во 2021 и претставува омаж за неговиот придонес кон театарската и културната сцена.



