ОТКРИЕН ЖИВОПИС ВО „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО ВЕЛЕШКО КОЈ ГИ МЕНУВА ДОСЕГАШНИТЕ СОЗНАНИЈА ЗА ЦРКВАТА

    ОТКРИЕН ЖИВОПИС ВО „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО ВЕЛЕШКО КОЈ ГИ МЕНУВА ДОСЕГАШНИТЕ СОЗНАНИЈА ЗА ЦРКВАТА„Станува збор за живопис, кој не е дел од тој што го откривме дека е од 13-14 век, туку датира од подоцна“, вели Владо Муковски од Националниот конзерваторски центар. (Фото: СДК.МК)

    Нови наоди се откриени на крајот на конзерваторските активности во манастирската црква „Св. Димитрија“ крај Велес, кои даваат повод за дополнителни истражувања. Претходните наоди беа откриени во просторијата под камбанаријата, а новите се лоцирани при сондажните истражувања на долната зона од јужниот ѕид од црквата.

    „Откривме нов живопис, многу интересен за науката и постоењето на црквата. Тој се наоѓа под тој од 19. век, или изработен е порано. Станува збор за живопис, кој не е дел од тој што го откривме дека е од 13-14. век, туку датира од подоцна. Мали се сознанијата за него, кога настанал, но фрла нова светлина за црквата. Се гледа дека е работен со друга техника на работа, други пигменти од овие постојните“, кажа Владо Муковски, советник конзерватор за ѕидно сликарство при Националниот конзерваторски центар (НКЦ) од Скопје.

    Новиот живопис е лоциран при сондажните истражувања на долната зона од јужниот ѕид од црквата. (Фото: СДК. МК)

    Конзерваториските работи на фреските од Страшниот суд траеја скоро еден месец, а ги изведуваа стручните лица од Националниот конзерваторски центар. Истражувањата продолжуваат наредната година, кога експертите очекуваат да добијат одговори за нови моменти за постоењето на црквата со новото откритие. Доколку се докаже дека новооткриените фрески се порано од 19. век, а подоцна од 14. век тогаш и легендата, која велешани ја раскажуваат, дека манастирот бил закопан пет века под земја по доаѓањето на Османлиите, ќе падне во вода.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира