Кинотеката одлучи нивното летно кино, кое поради пандемијата и запазување на протокол за заштита е поставено во дворот, да се вика „Мирно лето“ во чест на македонскиот филм на режисерот Димитрие Османли. Филмот е на нивната програма на 5 август во 20 часот.
Пред 60 години, или летото 1960 година, Димитрие – Рули Османли започнал да го снима филмот, што значи дека следната година Кинотеката ќе го прослави 60. роденден на првата македонска филмска комедија.
„Дополнително, оваа година филмот ‘Мирно лето’ е на списокот филмови што дигитално ќе се реставрираат. Сите тие јубилеи и активности, покрај симболичниот наслов беа повод Кинотекатата да одлучи летното кино да се вика кино ‘Мирно лето’“, велат од Кинотеката.
Оттаму додаваат дека „Мирно лето“ е еден од филмовите-меѓници во македонската кинематографија, со пионерски дух во многу сегменти: Димитрие Османли е првиот македонски филмски режисер, а исто така е и првата комедија во македонската кинематографија. Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 во скопското кино „Култура“. Играат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски
За време на проекцијата на 5 август ќе бидат и претставени неколку артефакти од инспирирани од филмот и неговиот автор – меѓу другото карикатури на Василије Поповиќ-Цицо и Дарко Марковиќ.
„Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот. Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот Вардар филм. Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја. Но во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил ‘фиат балила’, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе…“, напиша хроничарот и писател Данило Коцевски пред две години.
Б. НЕСТОРОСКА