Во Драмскиот театар во Скопје утре премиерно ќе се изведе претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов. „Болва в уво“ е текст напишан во 1907 и ден денес се изведува во голем број театри низ светот и 100 години по смртта на Фејдо. „Болва в уво“ за првпат беше поставена во Драмски театар на 24 март 1974 и имала 333 изведби.
Евтимов вели дека оваа претстава резонира со денешново време, но не станува збор за римејк.
„Оваа претстава се случува овде и сега, не е неопходно во нашата димензија, може да има некоја паралелно. Поради равенките и формулите на Фејдо, моравме да се прилагодиме на технолошките достигнувања, а во нашава димензија најголемо технолошко достигнување е телефон со жица. Секако оваа нова млада енергија, овој нов млад Драмски театар носи едно сосема ново читање, нов јазик, сосема нова енергија од минатата изведба на ‘Болва в уво’. Преводот и адатацијата се мои, направени на јазикот на кој јас креирам претстави . Јас секогаш се обидувам да ги поврзам универузмите кои се случуваат на сцена и моите приказни секогаш се преплетуваат, така што тоа продолжува и во оваа приказна“, рече режисерот на денешната прес-конференција.
Играат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.
Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, рече дека претставата е направена за 36 дена и оти е петта и последна премиера за годинава.
Евтимов вели дека оваа претстава ќе живее доста долго на оваа сцена и ќе се бара карта повеќе и тоа не само поради фактот што станува збор за „Болва в уво“, за која „слободно може да се каже дека е Библијата на современите комедии и сите комедиографи после него во принцип се обидуваат да ги достигнат оние заплети кои тој ги поставува како основа на секоја добра комедија“.
Сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Раде Василев.
Првите три изведби се распродадени, а првата следна изведба е закажана на 24 јануари.
Б. НЕСТОРОСКА



