„Денот на црвот“ од Симона Јованоска, издание на „Или-или“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, што се додели по 23. пат. Покрај плакета и статуетка, Јованоска ќе добие и парична награда од 150.000 денари.
„Во ‘Денот на црвот‘, авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини. Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка и тон на раскажување, а хуморот, иронијата и суптилната пародија се некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство“, се вели, меѓу другото, во објаснувањето на жирито.
„Денот на црвот“ е втората книга на Јованоска, за која вели дека била напишана во исклучително специфичен период за неа.
„Тоа што како член на жирито следната година ќе мора многу да читам е споредна награда. Многу сум среќна и возбудена и нема да кријам, многу ја сакав оваа награда. Романот го пишував во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата и потоа го добив второто дете. Се најдов затворена дома и најдов начин да си помогнам себеси и да ги канализирам новонастанатата ситуација и моите мисли. Мило ми е што од еден така тежок период за мене излезе една ваква мала голема победа“, изјави Јованоска.
Свеченото доделување на наградата ќе се одржи во почетокот на септември, кажаа организаторите од фондацијата „Славко Јаневски“.
Г. КОНЕВ