ПЕНЕЛОПА-ОХРИДАТИ Е ЕДНА ОД ТРИТЕ НАЈСТАРИ НЕОЛИТСКИ НАКОЛНИ НАСЕЛБИ ВО ЕВРОПА, ПОТВРДУВА НАУЧЕН ТРУД ВО СПИСАНИЕТО „ПАТРИМОНИУМ“

    ПЕНЕЛОПА-ОХРИДАТИ Е ЕДНА ОД ТРИТЕ НАЈСТАРИ НЕОЛИТСКИ НАКОЛНИ НАСЕЛБИ ВО ЕВРОПА, ПОТВРДУВА НАУЧЕН ТРУД ВО СПИСАНИЕТО „ПАТРИМОНИУМ“Според истражувачите, најстарите европски наколни населби биле формирани во Охридскиот Регион уште во првата половина на шестиот милениум пред нашата ера, односно кон крајот на раниот неолит. (Фото: Центар за истражување за )

    Нови научни истражувања потврдуваат дека Охридскиот Регион ги крие најстарите наколни населби во Европа, велат од Центарот за истражување на предисторијата, откако во научното списание „Патримониум“ беше објавен трудот со најновите сознанија за предисториската наколна населба Пенелопа-Охридати на Охридското Езеро.

    Во трудот за првпат детално се обработуваат стратиграфијата, хронологијата, архитектурата, исхраната, материјалната култура и природната околина на локалитетот. Истражувањата се темелат на мултидисциплинарен пристап, кој вклучува радиокарбонски, дендрохронолошки, археоботанички, зооархеолошки, геоархеолошки и таксономски анализи.

    Научниците во трудот прават и синтеза на досегашните сознанија од охридскиот регион, при што се потврдува дека Пенелопа-Охридати е една од трите најстари неолитски наколни населби во Европа.

    „Со тоа дополнително се зацврстува тезата дека првите европски наколни населби биле основани токму на Охридското Езеро“, велат од Центарот.

    Овие сознанија се надоврзуваат на претходните истражувања на локалитетите Лин во Албанија и Плоча-Миќов Град во Македонија, спроведени од албанско-швајцарски и македонско-швајцарски тимови. Дополнителна потврда за староста на населбите е дадена и во неодамна објавен труд во престижното списание „Archeometry“, каде се презентирани исклучително стари дати за локалитетот Плоча-Миќов Град.
    Според истражувачите, најстарите европски наколни населби биле формирани во Охридскиот Регион уште во првата половина на шестиот милениум пред нашата ера, односно кон крајот на раниот неолит.

    Во мултидисциплинарните истражувања на Пенелопа-Охридати учествувал меѓународен тим составен од експерти од Завод и музеј- Охрид, Центарот за истражување на предисторијата во Скопје, Германскиот археолошки институт во Берлин, Федералниот институт за технологија во Цирих, Институтот Биосенс во Нови Сад и Националниот археолошки музеј во Скопје.

    Истражувањата претставуваат продолжение на долгогодишната соработка меѓу македонските и европските научни институции, вклучувајќи ги и Универзитетот во Берн и Универзитетот во Оксфорд, кои претходно работеа на локалитетот Плоча-Миќов Град.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира