ПЕТАР МИРЧЕВСКИ И ПЕТАР ТЕМЕЛКОВСКИ СО НАГРАДИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, 9 ПРЕТСТАВИ ВО ГЛАВНАТА СЕЛЕКЦИЈА

    ПЕТАР МИРЧЕВСКИ И ПЕТАР ТЕМЕЛКОВСКИ СО НАГРАДИ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ФЕСТИВАЛОТ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“, 9 ПРЕТСТАВИ ВО ГЛАВНАТА СЕЛЕКЦИЈА„Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор“, рече селектроката Ана Стојаноска. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински)

    Девет претстави се во официјалната селекција за награди на на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни, најави денеска Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот. Во програмата се и седум претстави од независна продукција, две во придружната програма и една дипломска претстава.

    Фестивалот годинава се одржува под мотото „Враќање дома“, а ќе  биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

    Годинашни добитници на наградата за животно дело на фестивалот се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

    Стојаноска вели дека пред да и’ биде соопштена на јавноста, програмата на фестивалот била соопштена пред Собранието на фестивалот, на кој била прифатена без забелешки. Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

    „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.

    „Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже“, кажа Стојаноска на прес-конференцијата.

    Во официјална програма се претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар од Скопје, „Бесачи“ на Јавор Грдев и Македонскиот народен театар (МНТ), „Инферно“  на Дејан Пројковски (Велешки театар), „Мистерија Буфо“ на Андреј Цветановски (Прилепски театар),„ај нејм из Медеја“ на Себастијан Хорват (Битолски театар), „Три сестри“ на Кендрим Ријани (Албански театар),„Несфатената цивилизација“ на Софија Ристовска (Охридски театар), „Роња, ќерката на ограбувачот“  на Јакуб Максимов ( Театар за деца и младинци) и „Женска гардероба“  на Наташа Поплавска (Театар Комедија).

    Во придружната програма се „Човек перница“ во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје и „Циркус Пирандело“  адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица.

    Стојаноска вели дека глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна во своето образложение на програмата.

    „Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори“, додаде таа.

    Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира