ПО 25 ГОДИНИ, БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ИЗДВОИ ПАРИ ЗА ДЕТСКО-МЛАДИНСКА ПРЕТСТАВА

    ПО 25 ГОДИНИ, БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ИЗДВОИ ПАРИ ЗА ДЕТСКО-МЛАДИНСКА ПРЕТСТАВАЕкипата на претставата со режисерот Јаниќијевиќ, уметничката директорка Илина Чоревска и директорот Иван Јерчиќ на денешната прес-конференција за претставата „Си беше еднаш во иднината“ (Фото: СДК.МК)

    По пауза од четврт век Народниот театар од Битола во своја продукција на сцена поставува детско-младинска претстава. „Си беше еднаш во иднината“ е новата премиера работена по текст на Сашо Кокаланов, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ, закажана за в петок.

    „Како продуцент на претставата сум особено горд што после 25 години со поддршка на Министерството за култура продуцираме една детска и младинска претстава. Имавме обиди и минатите години, но за жал не добивме средства од Министерството да ја ревитализираме или реанимираме детско-младинската сцена во Тетарот во Битола. 25 години беа потребни затоа што некој своевремено решил дека аплицирајќи до Министерството за култура тоа ќе го одземе правото да се добие проект кој би го нарекол целовечерен. Не би рекол дека тоа е некаква незаинтересираност, иако би требало да се обрне повеќе внимание зашто тоа е публика која понатаму треба да се едуцира и би требало да се потрудат да го направат тоа макар и на мускули“, рече на денешната прес-конференција Иван Јерчиќ, директор на НТБ.

    Уметничката директорка Илина Чоревска рече дека нити еден режисер или драматург нема дојдено со детски текст или со предлог да работи детска претстава.

    „Тоа говори за тоа колку ние немаме однос кон најмладата публика која мораме и треба да ја едуцираме за театар. Ние сме направиле непоправлива штета во тој поглед. И ова е текст направен по нарачка на Народниот театар од Битола и благодарност до режисерот што се нафати зашто имавме добиено друга претстава од Министерството за култура, а и тие изглегоа во пресрет да го сменат текстот’’, рече Чоревска.

    Режисерот Јаниќијевиќ рече дека важно е да се имаат младински претстави зашто театрите кои немаат редовен детски репертоар, прават претстави само за најмладите, а младинците се заборавени.

    „Постојано има една театарска дупка во образованието, се воспитуваат децата театарски до седум-осум години и кога е најважно за младите од 8 до 19 години многу ретко се случуваат претстави. Дури и Театар за деца и младинци по повеќе од 20 години постоење има две- три младински претстави што е многу малку во однос на другите стотици претстави“, рече режисерот.

    Претставата е приказна за две деца Адила, бегалка од Истокот со папагалот Рамин и Андреа чии родители не се дома, но цело време е со својот андроид.

    „На една група деца им велам нацртајте вазна, а не знаат што е вазна. Не знаат да нацртаат овошје, не зборувам за папаја, туку за наши овошја. Нивните братчиња и сестричиња ги отпишуваат од училиштето ‘Ѓорги Сугарев’ и ги запишуваат од други училишта поради предрасуди. Дечиња велат дека учителките, место да доаѓаат 10 минути порано, стигнуваат 10 минути подоцна на час. Претставата ќе отвори еден куп такви проблеми“, рече актерот Никола Пројчевски.

    Костимите се на Лидија Георгиева, а сценографијата на Марија Ветероска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира