ПО СЕДУМ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ, ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ФАСАДА И КРОВ ЗА 3,8 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПО СЕДУМ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ, ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ ФАСАДА И КРОВ ЗА 3,8 МИЛИОНИ ЕВРАИзградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. - Објектот во денешна состојба. (Фото: К. Попов)

    Откако пред четири години беше изградена карабината, Турскиот театар од Скопје ги врши подготовките за оформување на градилиште и почеток со изградба на фасадата и кровот од новиот објект кој се изгради близу Железничката станица во Скопје, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Несрин Таир. Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017.

    Театарот почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Според тогашните најави, карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција.

    Носител на изградбата и инвеститор е Турскиот театар. Карабината е завршени за сума од 301.092.183,00 денари (скоро 5 милиони евра) со вклучен ДДВ.

    Театарот треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. (Фото: К. Попов)

    „Министерството за култура во целост ги префрли потребните средства, а инвеститорот Турски театар ги исплати сите побарувања во врска со изведбата на новиот објектот до фаза карабина на изведувачот ‘Бетон Скопје АД – Скопје’“, вели Таир.

    Реализацијата на фазите фасада и кров од проектот се предвидени во Годишната програма на Министерството за култура за инвестиции во културата за 2021, а од Буџетот на Македонија за 2021 за оваа намена обезбедени се 19.000.000 денари (околу 310.000 евра).

    „Имено, поради повеќегодишниот прекин на изградбата на објектот, Турски театар побара од одговорниот проектант на анексот на Основениот проект да направи анализа на Основниот проект за деловите – фасади и кровови на објектот (да се проверат проектните решенија за фасадните облоги и кровните слоеви и покривачки системи и материјали во смисла на нивна актуелност и можност да бидат изведени во целост и со матeријали и системи според упатствата во проектот). По направената анализа од страна на последниот потпишан Одговорен проектант на Анексот на основниот проект на Турски театар – Скопје, препорачано е да се продолжи со изведба на објектот на НУ Турски театар – Скопје според важечкиот Основен проект чии решенија се комплексно поврзани во меѓузависен систем кој е актуелен и реален“, вели Таир.

     

    Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов. (Фото: К. Попов)

    По доставената информација од Министерството за култура, Владата и Министерството за финансии дале  согласност и донеле одлука за обезбедени пари за повеќегодишна јавна набавка за изведба на фазата на фасада и кров на објектот, со што ќе се доведе објектот до една затворена функционална целина до степен на затворена карабина. По донесената одлука на Владата, Театарот спровел јавни набавки за изведба на предвидените градежни работи и за стручен надзор над изведбата.

    По овие јавни набавки склучени се договори со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје АД Скопје, за стручен надзор со вредност од 724.520,00 денари (околу 12.000 евра), и со групата на понудувачи составена од Градежно, проектантско, трговско друштво „Универзал-Балкан ДОО увоз-извоз“ Скопје, и „Актива ДОО“ Штип, за изведба на предвидените работи на фасада и кров во вредност од 230.416.351,51 денари (околу 3,8 милиони евра). Овие суми се однесуваат на повеќегодишна исплата со фактури.

    Изведбата на работите ќе биде во текот на 2021, 2022 и 2023 година.

    Таир рече дека во зависност од условите за работа, динамиката и можностите за преземање на обврските изведбата на работите би можела да заврши и порано, односно во текот и до крајот на 2022. Во наредната фаза ќе ги подготвуваат документите за инасталациите кои по технологијата на изведба треба да бидат следни за изведба.

    Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. (Фото: К. Попов)

    Театарот треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов. Михајлов е автор и на објектот на Филхармонијата.

    Турскиот театар е основан во 1950, а прва претстава била „Сомнително лице“ во режија на Абдуш Хусеин. Турскиот и Албанскиот театар со години заедно функционираа во Театарот на народности во Старата чаршија. Во 2014 почна реконструкцијата на таа зграда, и ансамблите на двата театара се преселија во Театар Комедија, каде сѐ уште функционира Турскиот театар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира