ПОЧИНА АКАДЕМИК МИЛАН ЃУРЧИНОВ

    ПОЧИНА АКАДЕМИК МИЛАН ЃУРЧИНОВАкадемик Милан Ѓурчинов на трибината на тема „Епохата на естетскиот плурализам - дебата за критиката“ посветена на неговото творештво, во ДПМ на 20 февруари годинава (Фото: МИА)

    Академик Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), почина вчера на 90 години. Тој спаѓа во репрезентативната група македонски интелектуалци, значајни за културната афирмација на Македонија. Академик Ѓурчинов е критичар, антологичар, теоретичар на литературата и славист, а неговата активност во областа на книжевната историја се однесува, пред сè, на руската книжевност, особено студиите за Чехов, Достоевски и Пастернак. Многу други осврти и есеи за руски писатели сведочат за неговиот постојан интерес за руската литература во минатото и денес и за нејзиното вклучување во македонскиот културен хоризонт.

    Роден на 28 јули 1928 во Белград. Во 1951 дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а се усовршувал на универзитетите во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз. Бил професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.

    Академик Милан Ѓурчинов е најсуптилен македонски литературен критичар, кој со својата широка образованост и култивираност, со своите плуралистички погледи кон творечките појави и со критериум од највисок домен внесе нов дух во толкувањето на литературното творештво во нашата средина, приближувајќи ја критичката дејност кон европските стандарди.

    Бил член на повеќе меѓународни тела и асоцијации, на Президиумот на Меѓународниот славистички комитет, чиј претседател бил од 2003 до 2008, на Извршниот совет на Европското друштво за култура (Венеција). Од 2002  бил член на Медитеранската академија во Неапол, член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1956, а во еден мандат бил и негов претседател. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 21 април 1994.

    Академик Ѓурчинов ќе биде погребан на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 26 јули во 10,30 часот. МАНУ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка комеморативна седница на 27 јули, во 11 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира