Прославената американска актерка Џина Роуландс, која двапати беше номинирана за Оскар, почина на 94 години во својот дом во Калифорнија. Причината за смртта не беше објавена, но неодамна беше кажано дека боледува од Алцхајмеровата болест.
Роуландс се откажа од глумата во 2015 година, откако доби четири награди Еми и два златни глобуса. Беше номинирана за Оскар за најдобра актерка во 1976 за „Жена под влијание“ и во 1980 за „Глорија“. Двата филма се режирани од нејзиниот бивш сопруг Џон Касаветес, со кого беше во брак 35 години, до неговата смрт во 1989.
Роуландс ја почнала актерската кариера на Бродвеј и во ТВ-серии, пред да го има филмското деби во 1958. Иако беше успешна актерка и пред и после филмовите со Касаветес, токму серијата филмови снимени со нејзиниот сопруг ѝ ја обележа кариерата. Во десетте заеднички филмски проекти Роуландс одигра низа револуционерни улоги на емотивно скршени и копнежливи жени, што беше доста ретко во американската кинематографија во тој период и ја смести во редот на најталентираните холивудски актерки на својата генерација.
Паралелно градеше успешна телевизиска кариера и излезе од сенката на Касаветес со филмови како „Друга жена“ на Вуди Ален, „Ноќ на Земјата“ на Џим Џармуш и „Неонската Библија“ на Теренс Дејвис. Се појави и во филмови режирани од нејзиниот син Ник, меѓу кои се истакнува романтичната драма „Бележникот“ од 2004.
Во 2015 година ѝ беше доделен почесен Оскар.