ПОЧИНА АМЕРИКАНСКИОТ АКТЕР И КОМИЧАР БОБ СЕГЕТ

    ПОЧИНА АМЕРИКАНСКИОТ АКТЕР И КОМИЧАР БОБ СЕГЕТСегет беше најпознат по улогата на вдовец и татко на три ќерки во серијата „Полна куќа“ (Фото: АП)

    Американскиот актер и комичар Боб Сегет, кој се прослави со серијата „Полна куќа“, почина ненадејно на 65 години. Тој бил пронајден мртов во хотел во Орландо и полицијата кажа дека нема сомнителни околности околу неговата смрт, ниту е пронајдена дрога.

    Искусниот стенд ап комичар тукушто почна нова турнеја низ САД и неодамна изјави дека е среќен што се вратил на сцената.

    Иако колегите го обожаваа поради неговиот вулгарен и директен хумор, Сегет беше најпознат по улогата на вдовец и татко на три малолетни ќерки Дени Танер во серијата „Полна куќа“, што се емитуваше од 1987 до 1995 година. Тој ја репризираше улогата кога „Нетфликс“ ја обнови серијата во 2016.

    Беше водител и на популарната емисија „Најсмешните домашни видеа“, а поновите генерации го запознаа како наратор во хит серијата „Како ја запознав вашата мајка“. Сегет исто така повремено режираше и настапуваше на Бродвеј.

    „Скршен сум и во шок. Никогаш нема да имам друг пријател како тебе“, изјави Џон Стамос, колегата на Сегет од „Полна куќа“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира