ПОЧИНА ФИЛМОЛОГОТ ИЛИНДЕНКА ПЕТРУШЕВА, ЕДНА ОД ОСНОВАЧИТЕ НА КИНОТЕКАТА НА МАКЕДОНИЈА

    ПОЧИНА ФИЛМОЛОГОТ ИЛИНДЕНКА ПЕТРУШЕВА, ЕДНА ОД ОСНОВАЧИТЕ НА КИНОТЕКАТА НА МАКЕДОНИЈАПетрушева е една од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола и добитничка на наградата Златен објектив на Кинотеката. (Фото: Фејсбук)

    Филмологот и филмска критичарка Илинденка Петрушева почина денеска во Скопје. Имаше 81 година.

    Школувана во Скопје и Загреб, Петрушева е една од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974, каде работеше до пензионирањето како како советничка-филмолог. Во периодот од февруари 1999 до август 2001 беше за советничка на министерот за култура за кинематографска и драмска дејност.

    Во Кинотеката работеше на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија и долги години беше уредничка на Кинотечен месечник, како и главна уредничка на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“. Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари, а објавувала и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија.

    Ги објави делата Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, Скопје 1991) и Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Кино-сојуз на Македонија, Скопје 2000), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011). Во 2015 година ја објави книгата „Само сонот е стварност“, а во 2022 книгата „Старите кина (киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“.

    Од 1972 беше првата уредничка на филмската редакција во Домот на младите „25 Мај“, сегашен Младински културен центар (МКЦ). Беше претседателка на Кино-сојузот на Македонија, од 1977-1979 генерална секретарка на Сојузот на филмските критичари на СФР Југославија како и членка на Меѓународна федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Таа е една од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола и добитничка на наградата Златен објектив на Кинотеката.

    Таа е мајка на кинематограферот на Бранд Феро и филмската работничка Алисија Феро.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира