ПОЧИНА ХОЛИВУДСКАТА ЛЕГЕНДА РОБЕРТ ДУВАЛ

    ПОЧИНА ХОЛИВУДСКАТА ЛЕГЕНДА РОБЕРТ ДУВАЛДувал освои еден Оскар од седум номинации во шестдецениската кариера (Фото: АП)

    Роберт Дувал, легендарниот американски актер кој играше во серија филмски класици како „Кум“, „Апокалипса сега“, „МЕШ“, почина на 95 години.

    Боб почина мирно во својот дом, окружен со љубов и удобност. За светот, тој беше актер, режисер, раскажувач, добитник на Оскар. За мене, тој беше едноставно сè. За секоја од неговите бројни улоги, Боб им даде сè на своите ликови. Правејќи го тоа, тој ни остава нешто трајно и незаборавно на сите нас“, објави неговата сопруга Лусијана Дувал на Фејсбук.

    Дувал е можеби најпознат по улогата на Килгор во „Апокалипса сега“, но остави огромно влијание и како Том Хаген во „Кум“ и „Кум 2“, осамениот Бу Радли во „Да се убие птицата подбивница“ и многу споредни и карактерни улоги. Беше номиниран седумпати за Оскар, освојувајќи го еднаш, за најдобар актер во 1984 за „Нежна милост“, играјќи кантри пејач кој се обидува да го надмине алкохолизмот.

    Роден во Сан Диего во 1931 година, Дувал учел драма на колеџ во Мисури и на кратко се приклучил на војската. Во 1955 се запишал во актерското школо „Нејбрхуд плејхаус“ во Њујорк, во генерацијата со Џејмс Кан, Џин Хекман и Дастин Хофман. Постојано работел на телевизија и театар пред да ја добие својата прва филмска улога, како мистериозниот Бу Редли во „Да се убие птицата подбивница“ во 1962.

    Малите улоги во „Булит“ и „Човекот наречен храброст“ ја зацврстија неговата репутација, но улогата во „МЕШ“ му донесе пошироко внимание.

    Дувал ја зацементираше својата врска со холивудскиот нов бран со улогите во „Кум“, „Кум 2“ (во третиот дел не глумеше зашто барал преголема плата) и „Апокалипса сега“, по што стана едно од најпознатите лица во светот на филмот и продолжи редовно да снима разни жанрови и во следните децении. Како режисер дебитираше во 1983 со драмата „Анџело, моја љубов“, по што сними уште три филма.

    Во 1992 ѝ се врати на телевизијата со насловната улога во серијата „Сталин“, a последната филмска улога ја оствари во 2022. Во 2015 стана најстариот актер номиниран за Оскар, за најдобра споредна улога во „Судијата“.

    Дувал се женеше четирипати, но никогаш не доби деца.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира